Фудбалскиот свет му припаѓа на Мурињо, а ние можеме само да уживаме во него

Контроверзниот Португалец, Жозе Мурињо, секогаш наоѓа начин да го сврти вниманието на јавноста кон себе. Тој е толку многу егоцентричен, што дури и кога не води ниту една екипа, медиумите повторно пишуваат за него.

Едноставно, се чини дека целиот фудбалски свет се врти околу него. По отказот од „Јунајтед“, Португалецот не беше постојано на насловните страници на најпознатите светски фудбалски таблоиди, меѓутоа, повторно редовно се споменуваше неговото име.

Во тој период, медиумите го поврзуваа неговото име со клупата на многу европски клубови, го анализираа неговиот период поминат како менаџер на „Јунајтед“ и пренесуваа негови изјави, кои тој како коментатор ги даваше додека беше без тренерска работа.

Сега, повторно е во игра. Мурињо пред два дена и официјално стана нов тренер на „Тотенхем“, па погодете околу кого повторно се сврте фудбалскиот свет. Веќе е актуелен во сите весници, сите пишуваат за неговата промоција во лондонскиот гигант, за тоа дека во 2015 година изјавил дека „никогаш нема да го преземе „Тотенхем“, бидејќи „многу ги сака фановите на Челзи“, како и многу други теми и отворени прашања по кои Мурињо одново им е интересен буквално на сите.

„Специјалниот“ секогаш успева да го привлече вниманието, на овој или на оној начин. Само неколку часа откако Тотенхем му даде отказ на Маурицио Покетино, раководството на „петлите“ се одлучи за најексцентричниот тренер на денешницата – Жозе Мурињо.

Сепак, од друга страна, ова автоматски значи дека не само Мурињо, туку и „Тотехнем“ ќе добива значително внимание во сите престижни светски медиуми. Не е дека досега не се пишуваше за клубот, но сега речиси е сигурно дека нема да помине ден без да се напише нешто за тимот од Северен Лондон, без разлика дали тоа ќе биде во позитивен или негативен контекст.

Со самото враќање на Мурињо и Премиер лигата станува уште поинтересна. Без разлика дали го сакате или не, драматичните прес конференции, дрскоста, ароганцијата, специфичниот стил на фудбал кој го негува и сето она друго што го прави Мурињо „специјален“, се работи кои дефинитивно и недостигаа на најквалитетната фудбалска лига во светот.

Мурињо беше секаде, во Италија, во Шпанија, во Португалија, но факт е дека најголем траг остави овде, во Премиер лигата, посебно во „Челзи“ со кого освои најмногу титули како тренер на англиски тим.

Овојпат „обоен“ во бело, Мурињо ќе се бори против новинарите, судиите, тренерите и играчите на противничките тимови, на кои уште еднаш ќе се обиде да им покаже „кој е газда во оваа лига“.

Иако „Ливерпул“ веќе е осамен на врвот по само 12 кола, драмите во Премиер лигата нема да изостанат, бидејќи „специјалниот“ се врати, а нам ни останува само да уживаме во фудбалскиот свет кој му припаѓа на Жозе Мурињо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот