Фудбалерите вечерва против Грузија одат по три бода и фаќање залет за дуелот со Косово

фото: Драган Митревски

Македонската фудбалска репрезентација вечерва (18. часот) во Тбилиси против Грузија го игра вториот натпревар од новото издание од Лигата на Европа.

Денешниот дуел со Грузија воедно ќе претставува и генерална подготовка пред најважниот натпревар за репрезентацијата во досегашната историја, полуфиналниот бараж натпревар против Косово наредниот месец, кој е претпоследна препрека во обезбедувањето на пласман на Европското првенство.

Вечерашниот противник на избраниците на селекторот Игор Ангеловски може да биде и последната пречка на патот до ЕП кое ќе се одржи идната година, бидејќи доколку фудбалерите го совладаат Косово во финалето на баражот треба да играат со победникот од второто полуфинале помеѓу Грузија и Белорусија.

Но, фокусот на фудбалерите е само на вечерашниот дуел, како и желбата септемврискиот циклус да се заокружи со две победи на стартот од новото издание на ЛШ. Токму победата е во мислите на фудбалерите.

– Важни беа трите бода со Ерменија како за почеток. За разлика од Скопје тука имаме добар терен за игра. Дојдовме по трите бода, сакам да ги освоиме. Кај нас атмосферата е одлична, никогаш не ни била на вакво ниво. Свесни сме дека не сме 100% подготвени но во овој дрес секогаш треба да се даде максимумот и само така може да се стигне до посакуван резултат – порачува капитенот Горан Пандев.

Селекторот Ангеловски за вечерва нема да смета на повредените Иван Тричковски и Кире Ристовски кои не настапија ниту против Ерменија.

Ова е старт каков што посакувавме: Македонија преку пеналите ја урна Ерменија (ФОТО)

Селекторот е свесен дека неговите фудбалери не се во најдобра форма поради долгата пауза предизивикана од коронавирусот, но натпреварот со Грузија ќе претставува последна можност за корекција на играта како и проверка на тактичките замисли пред да се започне да го подготвува стратегијата за дуелот со Косово.

– Ја започнавме групната фаза со победа, но мислам дека утре не сме фаворити. Исто така верувам дека во групата нема изразит фаворит за првото место. Сите четири селекции се со еднакви шанси. Нè чека тежок меч, бидејќи Грузија е добра селекција. Не можам детално да зборувам за планот за натпреварот, но секогаш ја подготвувам екипата за да можеме да играме најдобро. Ќе се обидеме да покажеме добар фудбал. Би сакал тука да дојдеме повторно во ноември и да играме во финалето на плејофот за пласман на ЕП 2020. Очекувам интересен натпревар, и подобриот нека победи – вели селекторот Ангеловски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот