
Фудбалерите против Лихтенштајн ги стартуваат квалификациите за Светското првенство во 2026 година
Македонската фудбалска репрезентација денеска од 15:00 часот во Вадуц против Лихтенштајн ги стартува квалификациите за Светското првенство во 2026 година кое ќе се одржи во САД, Канада и Мексико.
Препорачано
Фудбалерите влегуваат како фаворити против Лихтенштајн со кого низ историјата сме одиграле 11 натпревари и во нив сме славеле на девет дуели, две средби завршиле без победник со истиот резултат 1:1.
Избраниците на Благоја Милевски ќе се обидат да донесат барем малку задоволство во деновите кога целата земја е во тага по трагедијата во Кочани, а сигурно дека и на фудбалерите нема да им биде лесно да истрчаат на теренот.
Во знак на почит кон жртвите во трагедијата денеска Македонија ќе го игра натпреварот во црни дресови. Исто така на социјалните мрежи има и апел за навивачите на трибините да дојдат облечени во црно.
Лихтенштајн е репрезентацијата и против која во 1996 година ја имаме забележано нашата најголема победа во историјата славејќи со 11:1 на гостински терен.
Селекторот на вчерашната прес-конференција најави дека сакаат да се фокусираат само на фудбалот и ќе се обидат да ја продолжат победничката серија. Натпреварот ќе може да го проследите третиот канал на Македонската Радио Телевизија (МРТ 3).
Сѐ уште ми е тешко да зборувам за тоа. Уште еднаш да изразиме сочувство до семејствата на сите починати. Мислам дека нашата концентрација треба да биде на фудбалска прашања. Многу е тежок моментот за било што да се зборува понатака и повеќе. Што се однесува до поставеноста и играта на ривалот, секако дека не мора да значи дека ќе биде истата и на утрешниот меч, но од друга страна, имаме максимален респект кон нашиот противник и мислам дека ќе имаме и максимален сериозен пристап на утрешниот меч – изјави Милевски.
Македонија по овој натпревар за три дена на домашен терен го игра и вториот натпревар од квалификациите против Велс. Тој натпревар е закажан за во терминот од 20:45 часот.