Фудбалерите освоија еден, а испуштија три бода против Израел

Фудбалската репрезентација на Македонија оствари одличен резултат на гостувањето во Бер Шива играјќи 1:1 со селекцијата на Израел иако според прикажаната игра и шансите, фудбалерите може да жалат што не ги освоија сите три бода.

Шансата на натпреварот ја имаше Елиф Елмас кој во 93. минута наместо да шутира со што повеќе од изгледно ќе беше матиран голманот Марсијано, се одлучи да асистира. Ова е втор натпревар по ред во кој „црвено-жолтите“ се непоразени на гостувањата во Израел.

Пред две години, за прв пат ги победивме Израелците како гости во квалификациски натпревар (0:1), а овој пат избраниците на селекторот Игор Ангеловски освоија бод во квалификациите за ЕП 2020 година. По пет натпревари во квалификациите за ЕП 2020, Македонија има пет бодови, три помалку од Израел кој се наоѓа на второто место во групата.

Избраниците на селекторот Ангеловски беа рамноправен противник,а во добар дел од натпреварот беа и подобри од Израелците но не успеаја да ги реализираат шансите.

Во 30. минута, Езгјан Алиоски шутираше од дваесетина метри, но за малку не го погоди голот.
Пред крајот на првиот дел, добра шанса за гол имаше и Несторовски но неговиот шут беше лош со што пропадна последната можност во првиот дел.

Во второто полувреме, Израел заигра поофанзивно, прво Мунас Дабур во 51.минута го погоди дирекот од голот на Столе Димитриевски, а пет минути подоцна Еран Захави и донесе водство на својата репрезентација.
Сепак, израмнувањето пристигна само девет минути подоцна, Алиоски одлично нафрли од слободен удар, а во шеснаесетникот на Марсијано, најдобро се снајде Аријан Адеми кој со прекрасен удар со глава донесе израмнување.

До крајот на средбата, најголемата шанса ја имаше Елмас кој во намерата да биде несебичен, испушти да и донесе втора победа по ред на Македонија на гостувањето во Израел.

Израел – Македонија 1:1 (0:0)

Стадион во Бер Шева. Судија: Андреас Екберг (Шведска). Стрелци: Еран Захави 56, Адеми 65.
Израел: Марсијано, Даса, Елхамед, Таха, Соломон, Бен Харуш (60′ Кајал), Начо, Перец, Дгани, Захави, Дабур (75′ Хемед).

Македонија: Димитриевски, Бејтулаи, Муслиу, Велковски, Ристевски, Алиоски, Адеми, Барди (83 Спировски), Николов (75 Трајковски), Елмас, Несторовски (68 Пандев).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот