Фросина од „Фросина“ ни го зготви највкусниот гулаш, еве го и рецептот

.

Го дегустиравме во гостилница „Фросина“, а ни го зготви шефот на кујната Фросина Ивановска, која заедно со сопругот Тони, се сопственици на гостилницата.

.

Не напразно „Фросина“ е гостилница, а не ресторан – зашто тука секогаш ќе бидете добро нагостени и да не речеме, прејадени. Вгнездена е на улицата „Платник“, на мирна локација, се служи строго домаќинска кујна, а пријатното музиче дозволува човек на раат да се изнамуабети додека ужива во храната. Амбиентот е „како да не си во Скопје“, туку во некоја тосканска „траторија“. А, го знаете она за Италијанците? Кога јадењето е во прашање, прашањето е „дове си манџа бене?“ (каде се јаде добро).

Е, баш тука се јаде добро. Во „Фросина“. Затоа чести гости се странците, ама и уметниците, спортистите и ете, ние, најобичните. Такви се и сопствениците на „Фросина“, најобични мили луѓе кои не се „занесуваат“ и покрај тоа што имаат добра причина за тоа – храната која ја служат.

Менито е прилично дебело, но наместо да се мислите што да пробате, прашајте што се јаде денес. Така и ние направивме:

-Што се јаде денес?

-Полнети пиперки, мусака, сарми од лозов лист, полнети тиквички, од чорби, телешка, шкембе, јагнешка, пилешка, полнет модар патлиџан, џигер во марамица, гибаница.

И ако одговорот повторно ви изгледа предолг, слободно „перонализирајте“ го прашањето.

-Што да јадам денес?

Така и ние направивме. И добивме гулаш со шпагети. Толку го бендисавме што ја прашавме шефицата за рецептот. А таа пак, несебично го сподели со нас. Ние, со вас.

Фросина, шефица на кујна

ГУЛАШ СО ШПАГЕТИ

Потребни намирници (за 4 лица)

300 гр. шпагети,

1 кг. кромид,

1/2 кг. свински шол,

ловоров лист,

црвен пипер,

црн пипер,

сол по желба.

Подготовка

Го лупиме и ситно го сечкаме кромидот. На малку зејтин во тава, кромидот го пржиме на „тивко“. Кога ќе порумени, го додаваме претходно исечканото месо на коцки. Додаваме филџан вода и оставаме да се „крчка“ и понатаму на ниска температура, околу 1 час.

10 минути пред гулашот да е готов, ги додаваме зачините.

Во меѓувреме, ги подготвуваме шпагетите на вообичаен начин.

Ги сервираме шпагетите во чинија. Врз нив го ставаме гулашот, па по желба декорираме.

Добар апетит!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот