Фридрих Мерц официјално избран за нов шеф на ЦДУ

Фридрих Мерц / EPA-EFE/BODO SCHACKOW

Најпознатиот внатрепартиски критичар на екс канцеларката Меркел, Фридрих Мерц, е избран за нов шеф на ЦДУ откако на партискиот дигитален конгрес доби преку 94 отсто од гласовите.

– Длабоко сум импресиониран од овој резултат, изјави Мерц.

Како што јави Дојче Веле, на дигиталниот сојузен конгрес на Христијанско демократската унија, согласно на очекувањата, 66-годишниот Фридрих Мерц со огромно мнозинство беше избран за нов партиски шеф. Претходно, пред Божик, тој на референдумот на кој за нов партиски лидер гласаа 380.000 партиски членови, ги остави зад себе конкурентите за лидерското место – Норберт Ретген и Хелге Браун. Така, Мерц е веќе трет шеф на ЦДУ по повлекувањето на тогашната канцеларка Ангела Меркел од оваа функција во декември 2018 година.

– Знам какви задачи ме очекуваат како десетти претседател на оваа партија, од 1948 година досега, пред нив имам голема почит, изјави Мерц пред партискиот конгрес.

Кога во 2018 година првпат „атакуваше” на функцијата, Унијата ја предводеше владината коалиција, а канцеларот беше од ЦДУ. Сега им остануваат опозициските клупи во Бундестагот, веднаш до деснопопулистичката АфД.

Мерц најави дека „секако ќе ја застапува партијата во целиот нејзин спектар и ќе ги третира темите кои партијата ги смета за важни”, надевајќи се дека ќе му успее „да ги интегрира во раководството сите други, што ќе даде слика на една целина”, каде место ќе најдат сите различни политички идеи, мислења и струења во партијата.

Според Дојче Веле, Мерц сега ја добива моќта која одамна ја посакуваше. Економскиот правник, роден во 1955 година, потекнува од рурална област во покраината Северна Рајна Вестфалија. Со својата сопруга, шефица на еден суд, во брак е од 1981 година, имаат три возрасни деца.

Мерц првпат влезе во Бундестагот како пратеник на ЦДУ во 1994 година. Уште тогаш тој и Ангела Меркел припаѓаа на различни партиски табори на ЦДУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот