Fridays For Future Скопје бараат средношколците да бидат пуштени од часови за протест

фото: Слободен печат/Драган Митрески

Огранокот на глобалното движење за климатска правда Fridays For Future на 16-годишната климатска хероина Грета Тунберг во земјава, Fridays For Future Скопје бара од средните училишта во главниот град да се солидаризираат со глобалниот настан и да им дозволат на средношколците да ги напуштат првите два часа од втората смена в петок, за да можат да присуствуваат на протестот против климатските промени, што ќе се одржи пред Владата со почеток во 13 часот.

– Добивме десетици пораки од наши соученици кои сакаат да бидат дел од протестот, но се плашат дека ќе сносат последици поради тоа. Апелираме до професионалната етика, но и до совеста на директорите и професорите од скопските училишта. Драги просветни работници, пронајдете ја повторно во себе причината поради која сте ја избрале оваа вокација. Ова не е обично отсуство или бегање од часови, туку нешто многу поголемо и поважно. Не им ставајте неоправдани изостаноци на вашите деца, туку напротив, охрабрете ги да дојдат на настанот и заедно со нивните врсници од целиот свет да се изборат за здрава и безбедна иднина! На крајот на краиштата, придружете им се и вие! Тие не смеат да се плашат од вас и од вашиот образовен систем, туку треба да ја развиваат свеста за тоа што не опкружува и тоа што претставува вистинска закана за нивните млади животи!, се наведува во соопштението на Fridays For Future Скопје.

Во соопштението се посочува дека под притисокот на движењето „Петоци за Иднината”, средните училишта во Њујорк нема да ги спречуваат учениците да присуствуваат на протестот пред седиштето на Обединетите Нации, каде викендов ќе се одржи Самит за климатските промени.

Движењето Fridays For Future Скопје најавува дека ќе организира настани за зголемување на свеста за еколошката криза во текот на целата Недела за иднината.

– Протестот в петок е најважен, затоа што од него ќе се испрати пораката дури до Њујорк дека и во Македонија се свесни дека климатските промени претставуваат најважно прашање на 21-от век и дека најмладите генерации се тие кои ќе бидат жртвите на одложувањето на неговото решавање. Опстанокот на човековата цивилизација зависи од наредните недели, месеци и години. Обидете се како образовен кадар да им овозможите на вашите ученици да ја доживеат возраста која вие ја имате, се потенцира во соопштението на движењето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот