Фрчковски вратен или не бил ни пратен?

Фрчковски Љубомир / Фото: Архива на Слободен печат

Шпекулација е веста дека Вашингтон не го прифатил предлогот Љубомир Фрчкоски да биде македонски амбасадор во САД, изјави вчера премиерот Зоран Заев, откако порталот Мкд.мк, повикувајќи се на дипломатски извори, објави дека Стејт департментот не издал агреман за Фрчковски да ја преземе амбасадорската функција.

Шефот на дипломатијата Бујар Османи вели дека во согласност со процедурата, никогаш не била официјално објавена информација дека Фрчковски е предложен за оваа амбасадорска функција. Сепак, неодамна на фејсбук-профилот на самиот Фрчковски негови пријатели и соработници му честитаа на новата функција, а МНР ниту потврди ниту демантираше.

– Процедурата за именување амбасадор од моментот на предлагање на министерот за надворешни работи, преку координација со Владата и со претседателот на државата па, сѐ до добивање агреман, е дискретен процес во рамките на доверливи информации и затоа Министерството за надворешни работи не се има произнесено за кој било кандидат – изјави Османи, оставајќи ги да лебдат во воздух и гласините за именување на Андреј Жерновски за непополнетата позиција во Њујорк.

Меѓу другото, во шпекулациите дека Фрчковски не добил агреман, се појави информација дека македонските иселенички организации во САД наводно лобирале кај американски сенатори да не му се одобри амбасадорската функција на Фрчковски, инаку поранешен министер за внатрешни, а во еден период и за надворешни работи.

Според претседателот на Советот на амбасадори Љупчо Арсовски, не е сериозно што државата не успева да назначи амбасадори во едни од најзначајните политички центри.

– Несоодветно е во земја со 70-годишна дипломатија да не се научат основните дипломатски лекции. Може да се задоцни два до три месеца, но повеќе од две години е премногу. Власта, за доброто на земјата, треба да најде начин да се реши ова прашање, па дури и со испраќање политичка личност, но која нема опашки зад себе – вели Арсовски.

Сличен став споделува и последниот македонски дипломатски претставник во Вашингтон, Васко Наумовски.

– Во услови кога и Владата и претседателот се од иста политичка ориентација, едноставно нема оправдување за испразнетите места, некаде и повеќе од три години. Оваа ситуација е без преседан и со неа се испраќа лоша порака – оценува амбасадорот Наумовски. Тој додава дека пред формалното номинирање, особено во најзначајните центри, вообичаено е да се спроведат и неформални консултации со државата домаќин за да се избегне евентуалниот негативен одговор.

Инаку, во моментов сè уште остануваат празни позициите во Вашингтон, Њујорк и во Брисел, но и во соседните држави, па така, амбасадор немаме назначено ниту во Софија, Атина и во Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот