Фрчкоска: Изјавата на Рускоска е притисок врз судството, може да поднесе жалба

Ние како обвинителство дадовме негативно мислење за барањето на обвинетата Катица Јанева затворскиот притвор да и биде заменет за друга алтернативна мерка. Нашето негативно мислење апсолутно подразбира противење таква одлука да биде донесена, вели за „Слободен печат“ шефицата на обвинителниот Оддел за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Рускоска.

Иако во обвинителството се противеле Јанева да биде пуштена во домашен притвор, вчера, судската „тројка“ во скопска Апелација пред 16 часот донесе одлука обвинетата од затворски да биде пуштена во домашен притвор.

Нивниот став за одлуката беше објаснет со фактите дека таа имала нарушено здравје, истрагата по предметот била завршена и имало поднесено обвинение. Позитивната одлука на судот била поткрепена и со фактот дека обвинетата го предала својот личен пасош и лична карта како гаранција дека нема да ја напушта земјата, а била прифатена и гаранцијата од три стана како сигурност дека ќе ја почитува мерката домашен притвор.

Само два часа по одлуката на Апелација, Јанева со полициска придружба беше спроведена до станот на нејзиниот син Лазар Јанев во скопски Центар каде ќе ја отслужува мерката домашен притвор. Лекарската документација, според судиите од Апелација, укажувала дека и со мерката куќен притвор може да се обезбеди присуството на Јанева.

Ирена Фрчкоска, адвокатка на Катица Јанева за „Слободен печат“ вели дека изјавата на обвинителката Вилма Рускоска е преседан.

– Рускоска има право да поднесе жалба на тоа решение. Сметаме дека е непримерна таа реакција и стварно сме зачудени. Сметаме дека тоа е притисок врз судството. И таа како и ние сме само странки во случајот. Јанева до вчера вкупно мина 94 дена во притвор. Тоа е премногу. Ние како одбрана сметавме дека условите за укинување на мерката беше исполнета уште пред еден месец кога заврши истрагата. Обвинетиот Зоран Милески пред два месеци беше пуштен од притвор, а причината поради која е пуштен ние не ја знаеме. Тогаш тоа исто обвинителство не реагираше. Ова е преседан. Вакво нешто до сега не се случило – вели Фрчкоска.

Обвинителка Вилма Рускоска која го води случајот „Рекет“ во кој првообвинет е Бојан Јовановски, Јанева е второобвинета, а Зоран Милески е третообвинет вчера најави покренување на финансиска истрага против судиите кои донеле одлука токму второобвинетата да биде пуштена во домашен притвор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот