Француските медиуми со поддршка за „Шарли Ебдо“: Заедно да ја браниме слободата на печатот

Фото: EPA-EFE/EDDY LEMAISTRE

Во знак на солидарност со „Шарли Ебдо” повеќе од сто француски медиуми од пишаниот и аудиовизуелниот и дигитален печат, изутринава испратија повик за одбрана на правото слободно говорење, пишување и карикатурирање, јави дописникот на МИА.

Никогаш не се случило во Франција медиуми, кои често бранат различни гледишта и чиј манифест не е вообичаена форма на изразување, заеднички да одлучат да им се обратат на својата публика и на своите сограѓани на толку свечен начин.

Ако се направи тоа, како што е направено изутринава, тоа е затоа што на француските медимуи им се чинеше клучно да предупредат на опасноста за една од најосновните вредности на демократијата: слободата на изразување.

Денес, во 2020 година, на некои од новинарите им се закануваат со смрт на социјалните мрежи кога ќе искажат уникатни ставови. Медиумите отворено се идентификуваат како цели од страна на меѓународните терористички организации. Државите вршат притисок врз француските новинари „виновни” за објавување критички написи.

Насилството на зборовите постепено се претвори во физичко насилство.

Никој, според потписниците на манифестот или трибината не смее да биде загрижен за своите мислења, дури и религиозните, се додека нивното изразување не го нарушува јавниот поредок утврден со закон, стои во  член 10 од Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година, вметната во францускиот Устав.

Во изминатите пет години, жените и мажите во Франција беа убиени од фанатици, заради нивното потекло или мислење. Новинари и карикатуристи се погубени за да престанат да пишуваат и цртаат слободно.

-Никој не смее да биде загрижен за неговите мислења, дури и религиозните, под услов нивното манифестирање да не го наруши јавниот ред и мир утврден со закон”, прокламира член 10 од Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година, вградени во нашиот Устав. Овој член веднаш се комплетира со следново: „Слободното соопштување на мисли и мислења е едно од најскапите човекови права; секој граѓанин може слободно да зборува, пишува, печати, освен да одговара за злоупотреба на оваа слобода во случаите утврдени со закон “.

Сепак, целата правна установа развиена во текот на повеќе од два века за да се заштити слобода на изразување сега е нападната, како никогаш порано во последните седумдесет и пет години. И овој пат со нови тоталитарни идеологии, понекогаш тврдејќи дека се инспирирани од религиозни текстови.

Секако, потписниците на трибината очекуваат од  јавните власти да ги искористат потребните полициски ресурси за да обезбедат одбрана на овие слободи и строго да ги осудат државите што ги кршат договорите што ги гарантираат правата. Но, тие се плашат дека легитимниот страв од смрт ќе го рашири својот стисок и неизбежно ќе ги задуши последните слободни духови.

-Што ќе остане тогаш од она за што сонуваа изготвувачите на Декларацијата за правата на човекот и граѓанинот од 1789 година? Овие слободи се толку природни за нас што понекогаш ја забораваме привилегијата и удобноста што ги даваат за секој од нас. Тие се како воздухот што го дишеме и овој воздух станува редок. За да бидеме достојни на нашите предци кои ги искорнаа и што ни пренесоа, мора да решиме да не попуштиме пред овие смртоносни идеологии, пишуваат тие.

-Законите на нашата земја обезбедуваат рамка за секој од вас да зборува, да пишува и да црта како на малку други места во светот. Ваше е да го искористите. Да, имате право да ги искажувате своите ставови и да ги критикувате оние на другите, без разлика дали се политички, филозофски или религиозни, се додека тоа останува во границите утврдени со закон. Да потсетиме овде, во знак на солидарност со „Шарли Ебдо”, кој ја плати својата слобода со крвта на своите соработници, дека во Франција, кривичното дело богохулење не постои. Некои од нас се верници и разбирливо можат да бидат шокирани од богохулењето. Сепак, тие безрезервно се поврзуваат со нашиот пристап. Бидејќи во одбраната на слободата на хулење, не е хулење што го браниме, туку слободата, нагласуваат тие.

-Ние имаме потреба од вас. Од вашата мобилизација. Од бедемот на совеста. Непријателите на слободата мора да разберат дека сите ние сме заедно нивни непоколебливи противници, без оглед на разликите во мислењето или верувањето. Граѓаните, локалните избрани функционери, политичките лидери, новинарите, активистите од сите партии и сите здруженија, повеќе од кога и да било во ова неизвесно време, мора да ги здружиме силите за да го избркаме стравот и да ја направиме нашата неуништива љубов кон Слободата да триумфира, завршува трибината на стотина француски медиуми за одбрана на слободата на печатот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот