Францускиот селектор не сака да ја прифати улогата на апсолутен фаворит: Македонија е навикната на големи натпревари

EPA/EDDY LEMAISTRE

Ждрепката одлучи на Македонија да и се падне најтешкиот можен ривал во квалификациите за СП во Египет 2021, селекцијата на Франција. Иако „триколорите“ се апсолутен фаворитво претстојниот бараж-двомеч, селекторот Гијом Жил, повикува на внимателност.

Фортуната не им беше наклонета на македонските ракометари, Франција е апсолутен фаворит во двомечот за пласман на Светското првенство во Египет 2021 година. Тоа е општа констатација во Македонија. На завчерашната ждрепка не можеше да ни се падне посилен противник и нашиот пласман на СП личи на невозможна мисија.

Сепак, интересно е да се знае како во Франција гледаат на пречката за пласман на СП. Новиот селектор Гијом Жил истакнува дека Македонија може да биде незгоден противник и повикува на внимание. Донекаде ова е куртоазна изјава за да не се потцени јавно противникот, но, Жил е свесен дека мора сериозно да му се пристапи на тој двомеч.

– Македонија е нација што е навикната да игра на големи натпреварувања и веќе ги покажала своите квалитети. Ги знаеме карактеристиките на нивната игра, особено варијантата 7 на 6. Ја знаеме легендата Кирил Лазаров. Ретко играме вакви квалификации, каде што се играат два меча. Тоа ќе бара од нас добро да ги одработиме двата меча, а знаеме дека прво играме во Македонија, каде што секогаш е деликатно да се игра. Каков и да е исходот на првиот меч, квалификациите завршуваат по 120 минути – изјави новиот селектор на Франција Жил. Треба да се спомене дека на последното ЕП Франција заврши само едно место погоер од Македонија, која беше 15.

Првиот меч ќе се игра во Скопје во периодот од 5 до 7 јуни, додека ревашнот во Франција ќе се одигра во периодот од 9 до 11 јуни.
Што се однесува до македонскиот селектор Данило Брестовац, тој нема дилеми дека ждрепката не не посака.

– Немавме среќа. Против Франција нашите шанси за пласман на СП се минимални. Тие како и ние се во фаза на подлмадување, ќе почекаме да видиме каков состав ќе објават во април, тогаш се играат олимписките квалификации. Тогаш ќе можеме да зборуваме подетално за нив – изјави Брестовац.

На СП покрај организаторот и актуелниот шампион Данска, пласман веќе обезбедија Хрватска, Норвешка, Шпанија, Алжир, Ангола, Капе Верде, Конго, Мароко, Тунис, Бахреин, Јапонија, Катар, Јужна Кореја, Аргентина, Бразил и Уругвај. Ќе настапат вкупно 32 репрезентации поделени во осум групи по четири репрезентации, а предвидено е да се игра во периодот од 14 до 31 јануари 2021 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот