Францускиот нон-пејпер е повеќе блеф отколку репер

Франција не добива поддршка од другите земји членки на ЕУ во врска со нон-пејперот во кој е опишана француската идеја за новата методологија за проширување на Унијата. Напротив, од Германија веќе стаса критика дека документот не носи ништо ново и само ќе го забави процесот на проширување, а вчера Советот за општи работи на ЕУ, иако се очекуваше, воопшто не расправаше за документот.

Неименуван европски дипломат за „Политико“ изјавил дека сево ова не го прикрива фактот дека француските предлози не се однесуваат на реформа на пристапниот процес, туку ставаат крај на проширувањето на ЕУ.

– Тоа е отровна стрела за земји како Македонија, кои направиле многу за исполнување на строгите услови на ЕУ за да започнат разговори за пристапување – рекол тој.

На домашната сцена, пак, има различни видувања за нон-пејперот чија содржина беше објавена овој викенд – од оценка дека новата методологија може да ги забрза реформите, до мислења дека францускиот претседател Емануел Макрон го злоупотребува проширувањето за да издејствува подобри позиции за Франција во ЕУ.

За проширувањето – дури напролет

Финската министерка за европски прашања и ЕУ-претседавач, Тити Тупураинен, вчера не го стави францускиот нон-пејпер на дневен ред на седницата на Советот за општи работи. Министрите разговараа за состојбата со проширувањето по октомвриската блокада од Франција за Македонија и Албанија, но нови предлози не може да има сѐ додека не стапи на сила новиот состав на Европската комисија.

– Станува збор за далекусежна работа и денеска нема да дискутираме за француската иницијатива. Денес ќе испратиме до земјите од Западниот Балкан силна порака дека ЕУ нема да им сврти грб и дека ќе се наврати на прашањето идната пролет – изјави министерката Тупураинен.

Француската министерка за Европа, Амели де Моншален, пред почетокот Советот го бранеше ставот на Париз.

– Ние не ги менуваме правилата сред игра, туку гледаме дека процесот не функционира затоа што е екстремно бавен. Процесот не е политички раководен, има автоматизам и народите, пред сè, не се пронаоѓаат во него. Гледате колкава емиграција има, колкав одлив на мозоци од Србија, Црна Гора, и пред нив од Бугарија, Романија и од Хрватска кога преговараа – изјави Моншален и додаде дека Франција сака да види приближување на економско, социјално и културно поле, а не само на правно.

Таа тврди дека Данска и Холандија се на иста линија со Франција во оваа дебата.  Според министерката де Моншален, Франција работи на новата методологија, но со неа не се согласуваат некои од медиумите низ Европа, кои документот го оценија како нејасен и напишан набрзина, со цел да се покаже дека Франција не е сопирачка на процесот на проширување.

Ова е само ново одолжување

Кај нас изјавите во врска со францускиот документ засега се претпазливи, со оценки дека во него има многу недоречености и нејаснотии. Според универзитетскиот професор Љупчо Петковски, голем дел од условите во француската методологија веќе ги има во постојните механизми, а нон-пејперот е некакво ново одолжување.

– Во францускиот парламент две третини од парламентарците треба да гласаат за пристапување на нови членки или, пак, француските граѓани да се изјаснат на референдум. Тие се најдобрата гаранција за заштита од нови Орбани. Ваквата методологија прави штета и конфузија на процесот на проширување на ЕУ. На пример, што ќе прави сега Црна Гора, која ги има отворено сите поглавја – вели Петковски за „Слободен печат“.

Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка смета дека со објавувањето на нон-пејперот, речиси цел месец по самитот на ЕУ во Брисел, Франција покажала дека не била особено подготвена за тоа што го направи на Европскиот совет во октомври, кога стави блокада за Македонија и за Албанија. Спред него, проблемот воопшто не е прашањето на проширувањето, туку Макрон ја искористил блокадата поради други потреби, од демонстрација на моќ, до укажување на поголемите проблеми во Унијата.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров завчера изјави дека нема што да изгубиме „ако има повеќе стриктност во процесот“ и дека е клучно тоа што „станува збор за процес, чија крајна цел е членство во ЕУ“.

Ова е можност за забрзување на реформите

Демократскиот сојуз порача дека верува дека најновиот француски предлог е искрена намера со која се потврдува европската перспектива на Македонија, а не алиби за ветото во октомври.

– Неспорен факт е дека заостануваме во реформите во одредени области, особено во правосудството, администрацијата, како и во борбата против организираниот криминал. Новиот неформален предлог од Париз, кој се заснова на принципите за постепено придружување, построги услови, видлив напредок и реверзибилност, може да претставува вистинско забрзување на реформите во Македонија – сметаат од ДС.

Германско МНР: ЕУ мора да го одржи зборот

Според германското МНР, ЕУ мора да си го одржи зборот кон Албанија и Македонија, затоа што условите за почеток на преговорите се исполнети. „Реформските предлози на француската влада кои се однесуваат на методологијата на проширување на ЕУ ни се познати. Ние сме отворени за разговори што би воделе кон подобрување на процесот на пристапување, но само ако тоа не води кон дополнително одложување на пристапните преговори со Албанија и со Северна Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот