Француската левица повторно се состанува за да работи на можен заеднички настап на претседателските избори во 2022

Повеќе од еден месец по првиот состанок, француските левичарски партии повторно се состанаа денес, со цел да се подготват за следните претседателски избори. Овој пат тие треба да ја разгледаат можноста за заедничка база, особено со испитување на очекувањата на граѓанското општество, јави дописникот на МИА.

Денес се одржува нова средба меѓу партиите од левицата за да се обидат да постигнат договор за претседателските избори. На состанокот не е предвидена заедничка семејна фотографија, бидејќи состанокот се одржува со видеоконференција, но дијалогот инициран од првиот состанок во април ќе продолжи, додека несогласувањата веќе се појавија во последните неколку недели.

Целта на овој состанок ќе биде дискутирање со граѓанското општество за содржината на можната заедничка програма, преку сослушување на граѓански платформи.

-Ако се обединиме, мора да знаеме врз што, објаснува Сандрин Русо, кандидатка за кандидат на екологистите. Некои, повеќе од другите, покажаа подготвеност да работат за унијата на левицата на крајот од првиот состанок, како што се екологистот Јаник Жадо и социјалистот Оливие Фор.

-Има многу луѓе, да не речам мнозинството од левицата, кои сакаат обединување и кои сакаат да го направат тоа на најјасна можна основа. Дали ќе бидеме во согласност за сите теми? Не. Дали ќе има некои разлики што ќе остане? Да, предупреди социјалистот.

Но, дали овие разлики ќе бидат надминливи? „Одиме многу јасно да побараме објаснувања”, инсистира Ерик Кокерел од Непокорна или Бунтовна Франција осврнувајќи се на полициските демонстрации минатата недела, кои ги кристализираа поделбите на левицата за безбедносните прашање. Нивниот лидер Жан-Лук Меленшон, кој редовно ја критикува желбата за сојуз, не е присутен. Еколозите, кои се состанаа во неделата пред состанокот во понеделникот, ја потврдија својата подготвеност да се обединат, но околу политичката екологија. На кратко, има уште многу да се стори пред да се зборува за унијата.

Инаку, сите испитувања на јавното мислење направени една година пред претседателските избори во Франција, покажуваат дека ниту еден од потенцијалните кандидати од левицата и десницата нема да успеат да се најдат во вториот круг на претседателските избори. Избори кои ќе бидат реприза на дуелот од 2017 Макрон-Ле Пен.

Видео на денот