Франција покрена истрага за ТикТок
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го забрани ТикТок и на неговиот сопственик БајтДенс му даде рок од 45 дена за преговори за продажба на американскиот бизнис на Мајкрософт.
Францускиот регулатор за заштита на приватноста на податоците ЦНИЛ денеска соопшти дека покренал прелиминарна истрага за да утврди дали кинеската апликација за споделување видеозаписи ТикТок ги крши правилата за заштита на приватноста.
ТикТок, во сопственоста на кинеската компанија ДајтДенс, веќе е под истрага од американските, европските и холандските власти поради наводно загрозување на приватноста.
„Жалбата на ТикТок е примена во мај и сега врз основа на неа покренавме истрага“, рече портпаролот на ЦНИЛ. Одби да ја објасни природата на жалбата и не навести кој ја поднел.
„Заштитата на приватноста и безбедноста на корисниците на ТикТок е наш главен приоритет. Знаеме за истрагата на ЦНИЛ и соработуваме со нив без никакви бариери“, одговорија од ТикТок.
Во САД властите тврдат дека ТикТок претставува ризик за националната безбедност поради личните податоци кои ги обработуваат.
Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе го забрани ТикТок и на неговиот сопственик БајтДенс му даде рок од 45 дена за преговори за продажба на американскиот бизнис на Мајкрософт.
Во јуни Европскиот одбор за заштита на податоци (ЕДПБ) соопшти дека ќе основа работна група за проценка на активностите на ТикТок во ЕУ по барање на пратениците во Европскиот парламент, кои изразија загриженост поради собирањето податоци и можните ризици по безбедноста и приватноста.
Холандскиот регулатор за заштита на приватноста во мај исто така рече дека ќе побара на кој начин ТикТок ги обработува податоците на милион млади корисници, потсетува ДПА.