Франција: Најмалку уште една држава на ЕУ е против одлуката за отворање на преговори со Македонија

Високи француски дипломатски извори тврдат дека најмалку уште една друга држава на ЕУ ги поддржува против одлуката да се отворат преговори со Македонија на утрешниот самит.

На прашање на МИА кои се тие држави, француските дипломати не сакаат да даваат имиња. МИА стапи во контакт со повеќе земји членки на ЕУ, но ниедна не ја потврдува информацијата која пристигнува од Париз.

–  Јасно е дека Франција е изолирана по ова прашање, ниту Холандија, ниту Данска, ниту Шведска немаат проблем со отворањето преговори со Северна Македонија, иако е јасно дека повеќе земји имаат проблем со Албанија – вели дипломатски извор од земја членка на ЕУ за МИА.

Французите својата позиција дополнително ја бранат со аргументот дека земјите членки кои инсистираат на пакет со Албанија го поткопуваат принципот на „секој по своја заслуга” и ја префрлаат вината кај тие држави, според дипломатски извори станува збор за Италија, Германија и земјите од источноевропскиот блок. Но, на ова, други дипломати реплицираат дека токму Париз е тој кој го отфрли предлогот на финското претседателство за раздвојување на двете земји вчера на министерскиот совет.

Дипломати од земјите од Бенелукс велат дека ја разбираат позицијата на Франција и нејзините барања во однос на реформата на методологијата на преговарачкиот процес и дека во принцип никој не се противи на предлогот, но дека давањето зелено светло за Македонија „во ниеден случај не се коси со таа реформа”.

– Би сакал некој да ми каже точно што е таа реформа на методологијата, имаме веќе еден куп процеси на мониторинг, сакаме да се бориме против реформските назадувања, затоа што или владите се опуштаат, или опозицијата не сака веќе да реформира кога ќе дојде на власт – вели дипломат од западна земја членка.

Тој признава дека постојат проблеми во преговарачкиот процес, и дека е потребен посолиден систем, но дека тоа може да оди паралелно со давањето зелено светло.

Едно од прашањата што се поставуваат е што ќе се прави со оние земји кои веќе преговараат, Франција не предлага ништо конкретно и вели дека во принцип треба на сите да се примени новата методологија, но сосема нејасно е како и дали е тоа изводливо од правен аспект. Од Париз велат дека правниот агол е работа на Европската Комисија.

– Да се применува отпосле може да нѐ доведе да ги менуваме правилата на играта во текот на процесот, а тоа не е идеално, зошто да нема поголема реверзибилност, но дури и да одлучиме да дадеме зелено светло сега, постојат уште многу чекори и имаме доволно широк арсенал за да ги постигнеме истите резултати што би ги постигнале со нов инструмент – додава дипломат од земја членка основач на ЕУ.

Во однос на геополитичкиот аргумент дека одбивањето да се отворат преговорите за членство би значело зголемен ризик од руско, кинеско или турско влијание во регионот, Париз одговара дека и земјите кои веќе преговараат се изложени на тие влијанија, што укажува на тоа дека преговорите не претставуваат гаранција.

Запрашан дали Франција го зема предвид предупредувањето на одредени земји дека негативна одлука за Северна Македонија може да значи враќање на антизападните сили, дипломатите од Париз одговараат дека „Европската Комисија прв пат кога даде препорака за почеток на преговорите на власт беше токму тој режим”, што го доведува во прашање кредибилитетот на ЕК.

– Европската Комисија вели дека реформите се направени во двете земји, тие имаат своја проценка, земјите членки имаат своја проценка, сакам сепак да ве потсетам дека Европската Комисија сметаше дека Северна Македонија веќе беше подготвена да преговара за време на режимот – вели овој висок дипломат за МИА.

Париз повторува дека сѐ уште не е задоволен од судските реформи во двете земји иако признава дека ситуацијата е подобра во Северна Македонија отколку во Албанија.

– Европската перспектива на Балканот за нас не е доведена во прашање, но мора да бидеме јасни околу кредибилитетот на реформите и треба да се избегне кредибилитетот на процесот да биде доведен во прашање, ние сакаме крајот на преговорите да не биде далеку откако ќе започнат, впрочем на крајот не заборавајте дека ќе има референдуми во некои земји членки (вклучително и Франција, нз), и дека на секој чекор тоа мора добро да им се објасни на нашите јавности кои се многу загрижени за коруцпијата, криминалитетот и миграцијата – додава овој дипломат за МИА.

Но, други дипломати запознаени со овие аргументи потсетуваат дека е „сосема нормално” да има сѐ уште недостатоци во судските системи на земјите кандидати и дека тие „не можат да бидат подготвени како за членство, бидејќи токму тоа е целта на преговорите, да ги подготви за членство во ЕУ”.

Од разговорите со дипломатите во Брисел останува впечатокот дека Франција „само бара оправдувања” за да не се отворат преговорите со Северна Македонија, но нејасно е зошто.

-Дали Макрон сака да бара нешто за возврат, дали го користи ова за да врши притисок за нешто, или дали е само политичка или лична позиција е сосема неизвесно, ќе се знае утре и задутре откако ќе се разговара на лидерско ниво, но и потоа кога ќе треба да ја образложи својата позиција пред медиумите, вели дипломат од земја члена на ЕУ.

Во однос на Македонија чувството е дека во прашање е кредибилитетот на ЕУ и кредибилитетот на самата Франција како лидер во Унијата, додаваат дипломатски извори.

-Сите што ги поддржуваат двете земји двојно повеќе ја поддржуваат Северна Македонија поради Преспанскиот договор и поради тоа што долго чека, ова е поголем тест за кредибилитетот и единството на ЕУ, вели дипломатски извор за МИА, кој додава дека е „сосема неразбирливо како може лидер од тој калибар како Макрон да направи толку голема стратешка грешка”.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот