Францускиот предлог станува европски ултиматум

Ковачевски, Рама и Вучиќ/Фото: МИА

Лидерите на Западен Балкан деновиве најавија дека е можно да не одат во Брисел „на уште едно фотографирање“, затоа што реално – земјите не напредувале во евроинтеграциите. Но вчера, по последните консултации, одлучија дека ќе одат за да порачаат – иднината на регионот е во ЕУ.

Премиерот Димитар Ковачевски, неговиот албански колега Еди Рама и српскиот претседател Александар Вучиќ утрово сепак ќе бидат присутни во Брисел, на самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржува пред дводневниот самит на Советот на ЕУ, со кој завршува француското претседателство и на кој се очекува одлука од Бугарија дали ќе го тргне ветото за македонските преговори за членство, со прифаќање на т.н. „француски предлог“.

Лидерите на Западен Балкан деновиве најавија дека е можно да не одат во Брисел „на уште едно фотографирање“, затоа што реално – земјите не напредувале во евроинтеграциите. Но вчера, по последните консултации, одлучија дека ќе одат за да порачаат – иднината на регионот е во ЕУ.

Премиерот Ковачевски на Фејсбук напиша дека со Рама и Вучиќ одлучиле дека треба да ги повторат своите европски заложби пред земјите пријатели, кои се посветени на економскиот и политичкиот напредок на регионот и кои се залагаат за брзи и одлучни евроинтеграциски процеси.

– Ако не се обезбеди прогрес на процесот на евроинтеграции, тоа ќе е сериозен проблем и удар врз кредибилитетот на ЕУ на Балканот. Нашите ставови на оваа тема ќе ги пренесеме заеднички, на самитот на ЕУ за Западен Балкан, во широк форум, во центарот на европската дипломатија – порача Ковачевски.

Пендаровски:  Не може да се изгласа Преговарачката рамка ако не се согласиме

Претседателот Стево Пендаровски завчера вечер порача дека го советува премиерот да не оди на средбата во Брисел. Тој смета дека Ковачевски нема што да бара таму, особено што на состанокот на амбасадорите на членките на ЕУ пред три дена, бугарската страна изнела пет нови барања за симнување на ветото за Македонија. Тој оцени дека на историските прашања и оспорувањата за јазикот не им е место во преговарачката рамка и нагласи дека таа не може конечно да се усвои ако ние не кажеме „да“.

– Да нема страв ниту еден граѓанин во државата. Не може да се изгласа Преговарачката рамка ако ние не се согласиме. Сосила преговори под вакви услови никогаш не се случиле – нагласи Пендаровски во интервју за ТВ24.

Тој откри и дека Софија не бара Бугарите да бидат наведени само во Преамбулата на Уставот, туку и во неговиот нормативен дел, потенцирајќи дека ниту една заедница во државата не е внесена во нормативниот дел, па не е можно да влезат ниту Бугарите. Пендаровски додаде и дека вакви понижувања и потценувања какви што сме имале во последниве две години од Бугарија, не сме доживеале за 20 години преговори со Грција. Претседателот го повтори и ставот на државниот врв дека предлогот на француското претседателство уште не е пристигнат официјално кај нас.

Францускиот предлог предизвика многу полемики во јавноста, особено што бугарските билатерални барања станаа дел од преговарачката рамка, нешто на што досега македонскиот државен врв жестоко се противеше, а ЕУ негираше дека може да се случи. И државниот секретар за европски прашања на Франција Клеман Бон, индиректно потврди дека во најновиот предлог се водело сметка за барањата на Бугарија, иако се држеле до принципот дека преговарачката рамка не е место за чисто билатерални преговори. Во изјава за МИА тој вели дека работеле внимателно и со баланс, во контакт и со Скопје, при што некои теми во преговарачката рамка „немаат директно билатерален карактер, но ги засегаат преокупациите на Бугарија во нејзиниот однос со Северна Македонија, на внимателен и ограничен начин“.

Борисов му понуди на Петков поддршка од 59 пратеници на ГЕРБ

На бугарската политичка сцена, пак, вчерашниот ден помина во голема неизвесност за исходот на дводневниот самит во Брисел што почнува денеска. Состаноците на амбасадорите и на министрите што деновиве се одржуваа во Луксембург и Брисел како подготовка за самитот не донесоа резултат и до денеска немаше предлог-заклучоци за Македонија што лидерите на земјите членки би ги усвоиле за време на самитот. Бугарските дипломати поставуваа нови барања, а немаа мандат за нова државна позиција, затоа што Комисијата за надворешна политика при Народното собрание дури вчера попладне го разгледуваше „францускиот предлог“ и другите документи што се потребни за да донесат одлука за повлекување на ветото. Дополнителна неизвесност донесе и можноста за пад на владата на Кирил Петков, кому синоќа требаше да му се гласа доверба во собранието.

Петков, соочен со обвинувања дека води двојна политика кон Македонија, пред неколку денови се огради од можноста Владата да донесе одлука да го тргне ветото и обврската ја префрли на пратениците, поради што го критикуваа и претседателот Румен Радев и лидерот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов. Радев оцени дека Владата треба да донесе одлука за ветото, а парламентот само да ја одобри или да ја отфрли, а на иста линија е и Борисов, кој вчера му понуди на Петков Владата да ја донесе потребната одлука, а потоа да добие поддршка и од 59 пратеници на ГЕРБ. Тој рече дека француското претседателство ја направило најдобрата рамка и таа не може да биде подобра.

– Петков си дозволува да лаже во Брисел дека ГЕРБ му пречи, дека министерот на Слави Трифонов му пречи и дека тие што не се со него се мафија. Нека свика собраниска седница, ќе влеземе ние 59 пратеници на ГЕРБ. Да се реши прашањето со РСМ пред гласањето во Брисел, да не се срами Бугарија како мрачен субјект – нагласи Борисов.

На оваа изјава реагираше еврокомесарот Оливер Вархељи со воодушевување:

– Му благодариме на лидерот на опозициската ГЕРБ Бојко Борисов за историската одлука што ја донесе за Европа и за Македонија – усвојувањето на преговорите врз основа на францускиот предлог, кој овозможува продолжување и отворање на преговорите со Македонија. Очекуваме владата да го направи она што е неопходно да помине низ парламентот денеска за да може Европа да оди напред – напиша вчера Вархељи на социјалните мрежи, откако Борисов го поддржа францускиот предлог

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот