Францускиот предлог под лупа на работната група

Маричиќ на средба со партиските работни групи/Фото: МИА

Со целосно спротивставени ставови, вчера попладне во Клубот на пратениците почна средбата на работната група на парламентарните партии за разгледување на последниот француски предлог чие евентуално прифаќање би значело тргање на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската Унија.

Идентитетските прашања и македонскиот јазик се веќе заштитени и не се дел од францускиот предлог, смета СДСМ, опозициската ВМРО-ДПМНЕ и тројката помали владејачки партии ДС, ДОМ и ЛДП бараат промена на преговарачката рамка токму во делот на јазикот и идентитетските прашања.

Со вакви, целосно спротивставени ставови, вчера попладне во Клубот на пратениците почна средбата на работната група на парламентарните партии за разгледување на последниот француски предлог, чие евентуално прифаќање би значело тргање на бугарското вето за почеток на преговори на земјата со Европската Унија. Во состав на оваа група се вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески, пратениците Антонијо Милошоски и Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ, координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбер Адеми, Елми Азири од Алијанса на Албанците и пратеникот Павле Трајанов, како претставник на ЛДП, ДОМ и ДС.

Според Митрески, не станува збор за промена на францускиот предлог, кој е и европски предлог, туку за заклучоци ќе ги донесе Собранието и со кои ќе ја задолжи Владата во текот на преговорите со ЕУ.

– Очекувам одговорност од сите партии зашто станува збор за сериозен процес за државата и за иднината на државата. Нашите предлог-заклучоци се однесуваат на нашата стратешка определба за членство во ЕУ, со исклучување на билатералните историски и образовни прашања. Заклучоците ќе значат безусловно почитување на определбата за посебните историски, јазични и културни посебности на нашиот народ. Цело време зборуваме дека билатералните прашања се исклучени од преговарачката рамка, но во јавноста се отвора таа дилема и затоа, како Собрание, ќе потврдиме дека се исклучени билатералните прашања – изјави Митрески.

„Слободен печат“ дојде до заклучоците што ги предлага СДСМ. Според предлог-заклучоците, „Собранието, откако ја разгледало и усвоило информацијата на Владата, ја прифаќа преговарачката рамка за пристапните преговори на Македонија со ЕУ предложена од француското претседателство. Собранието ја задолжува Владата доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара.

Владата да постапува во согласност со стратешките определби на земјата за интеграција и полноправно членство во ЕУ и да ја прифати понудената преговарачка рамка со ЕУ, со исклучување на билатералните историски и образовни елементи во рамката и со безусловно почитување на јазичните идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ во текот на целиот процес на преговори. Владата да го задолжи преговарачкиот тим преговорите да ги води на рамноправна и принципиелна основа и со почитување на посебноста на македонскиот народ. Во текот на преговорите целосно да се постапува по Резолуцијата донесена во Собранието од 2021 година. Владата континуирано и по потреба и барање да го информира редовно Собранието и да поднесува годишен извештај за прогресот на преговарачкиот процес“.

Координаторот на ДУИ Адеми рече дека целосно се согласува со Митрески и потенцира дека ДУИ целосно се солидаризира со Македонците, дека имаме заедничко минато и заедничка иднина и заедно треба да ја градиме иднината.

– Не е време за лажни вести и емоционална дебата. Како што знаете, македонскиот јазик е чист, без фуснота, без ѕвездичка, без дополнителни дообјаснувања. Ќе имаме почеток на преговори, тоа го истакна и претседателот на Советот на ЕУ Мишел, дека и ние и Албанија веднаш ќе стартуваме со скринингот. Има преговарачка рамка и ќе се потврди дека македонскиот јазик е македонски јазик и ќе стане официјален јазик на ЕУ – рече Адеми.

Во предлог-забелешките на ВМРО-ДПМНЕ во документот Општ став на ЕУ предлагаат во точка 3 „зборовите ЕУ ги зема предвид соодветните еднострани декларации на Бугарија и Северна Македонија за македонскиот јазик“ да се избришат и да се додаде дека ќе бидат на македонски јазик. Во точка 5 од преговарачката рамка, каде ЕУ се повикува на договорот од Преспа и на тој со Бугарија, и повикува на нивно почитување и спроведување, да се избрише последната алинеја, каде е нотиран членот 12 од Договорот за добрососедство со Бугарија.

Во документот Заеднички став на ЕУ предлагаат да се брише точката 11 која предвидува втората меѓувладина конференција да се одржи откако Македонија ќе го смени Уставот, односно ќе ги внесе Бугарите во нив. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ бара од истиот документ да се избришат членовите 13 и 14 во кои се спомнуваа исполнувањето на протоколите од Договорот за добрососедство и се нагласува важноста на „видливи резултати“ во неговото спроведување.

– Нашите забелешки се однесуваат, пред сè, за исфрлање на сите спорни делови што предизвикаа контроверзија во однос на постојниот предлог, а со кој се прави отворена штета за државните и национални интереси. Измените на текстот се однесуваат на тргање на делот за уставни измени со кој би се обврзала државата, како и отфрлање на можноста за измена на учебници, историски факти како и ризиците што постојат за негирање на македонскиот јазик- истакна Мицкоски пред состанокот во интервју за Дојче веле.

Во предлог-заклучоците на ДС, кои сè уште не се усогласени со ДОМ и ЛДП, а до кои дојде „Слободен печат“, се бара од преговарачката рамка да се изостави во целина точка 3 од заклучоците, од сите акти да се изостават билатералните прашања. Исто така се бара сите други документи да бидат на реципрочна основа.

„Советот на Европската Унија во предлог-заклучоците во точка 4 да дефинира обврска за Бугарија да ги имплементира одлуките на Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур, поврзани со правата на Македонците во Бугарија. По вградување на заклучоците донесени од Собранието, Владата да ја прифати преговарачката рамка“ – се вели во заклучоците предложени од ДС.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот