Француски предизвик за ракометарите на Вардар, Монпелје следен на менито на „црвено-црните“

Вардар вечерва игра против Монпелје/фото: Слободен печат: Драган Митрески

Ракометарите на Вардар вечерва (20.45 ч) ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите и ќе се обидат да дојдат до третата победа по ред.

Противник на „црвено-црните“ е францускиот Монпелје кој во претходно коло направи изненадување и убедливо го совлада Кил (37:30).
Но, по ремито на стартот на гости кај Елверум, во СЦ „Јане Сандански“ паднаа Мешков Брест и европскиот вицешампион Алборг и вардарци во одлична атмосфера го очекуваат вечерашниот натпревар.

Натпреварите против Монпелје не се непознаница за вардарци, досега одиграа меѓу себе девет пати и „црвено-црните“ имаат учинок од шест победи, два порази и едно реми. Последните два натпревари завршија со победа на гостинските екипи, односно Монпелје славеше во Скопје, а Вардар во Франција. Најважниот натпревар го одиграа во 2018 година кога Монпелје на фајн-фор турнирот во Келн славеше со 28:27, а потоа дојде и до титулата.

Тренерот на Вардар, Веселин Вујовиќ вели дека неговите ракометари за прв пат се фаворити оваа сезона во ЛШ иако за противник имаат тим како Монпелје. Со доаѓањето на Вујовиќ на клупата на Вардар, одбраната функционира одлично од почетокот на сезоната и токму тој сегмент од играта заедно со навивачите, ќе биде главниот адут против францускиот тим.

– За првпат сезонава Вардар ја има улогата на фаворит, иако сме свесни дека ќе биде многу тежок меч. За првпат немам ниту проблеми со повредени играчи, па ќе видиме кој ќе влезе во тимот. Ќе ни биде потребна сета помош, воедно и од навивачите, кои секогаш даваат поддршка на Вардар. Јас имам највисоко можно мислење за Монпелје, тоа е исклучителна екипа, би рекол и историска. Клучно е да се биде добар во одбрана, да се игра силно, цврсто, бидејќи ако успеете во тоа, потоа немате ни паника во нападот – вели Вујовиќ.

 

Видео на денот