Француската економија бележи големо подобрување

Париз, Франција/ Фото: Профимедиа

Француската економија закрепна посилно во второто тримесечје отколку што првично се проценуваше, во главно поради посилните трошоци по укинувањето на локдаунот, објави во вторникот статистичката служба ИНСЕЕ, пренесува Ројтерс.

Во периодот од април до јуни, економијата порасна за 1,1 отсто, по стагнација во првите три месеци од оваа година, објави ИНСЕЕ, преиспитувајќи ја претходната проценка, која покажа раст од 0,9 отсто во вториот квартал.

Втората по големина економија во еврозоната е се уште 3,2 проценти послаба отколку на крајот на 2019 година, пред да се прогласи пандемијата. Владата очекува да се врати на тие бројки до крајот на оваа година.

Укинувањето на мерките за затворање и засилената вакцинација на граѓаните резултираше со брзо закрепнување на економската активност од средината на мај до крајот на јуни.

Личната потрошувачка, главниот мотор за раст на француската економија, порасна за еден процент во второто тримесечје, а деловните инвестиции за 1,9 проценти, објави статистичката служба.

На почетокот на новото тримесечје, во јули, личната потрошувачка опадна за 2,2 проценти во споредба со претходниот месец, покажуваат најновите месечни податоци на ИНСЕЕ.

Видео на денот