Франција усвои нов закон: Насилството во училиштата ќе се казнува со три години затвор

врсничко насилство
Врсничко насилство, Илустрација/ Фото Архива на СП

Францускиот парламент усвои нов закон според кој врсничкото насилство во училиштата („малтретирање“) ќе се третира како кривично дело казниво до три години затвор, пишува Гардијан. Тоа е потег за решавање на многу сериозен проблем со злоупотребата што некои студенти ја прават врз своите колеги.

Предлог-законот беше поддржан од министерот за образование во владата на Емануел Макрон, Жан-Мишел Бланкер.

Бланкер рече дека законот испраќа силна порака дека општеството „никогаш нема да прифати дека животите на децата ќе бидат уништени“. Се проценува дека секое десетто дете е злоставувано од своите врсници во Франција, а социјалните мрежи дополнително го зголемуваат потенцијалот за јавна навреда и срам. Бланкер, исто така, рече дека предлог-законот е „начин за промовирање на вредностите на Републиката“.

Жан Мишел Бланкер
Министерот за образование на Франција, Жан Мишел Бланкер / Фото EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Усвојување во февруари

Предлог-законот веќе го помина гласањето во Долниот дом и сега е испратен до Горниот дом, Сенатот. Се очекува тој да биде усвоен во февруари, со што Франција ќе стане земја со најстрога казна за насилство од врсници во светот.

Ерван Баланант, член на центристичката партија МоДем од Бретања и еден од предлагачите на законот, вели дека новиот закон и високите казни ќе влијаат на целото општество. Тој додаде дека острата порака и „шок терапијата“ што ги носи новиот закон ќе ја подигне свеста на граѓаните за разорните ефекти од врсничкото насилство. Тој, исто така, рече дека законот ќе помогне да се едуцираат луѓето за насилството меѓу врсниците, како и за негово спречување.

„Не се работи за испраќање деца во затвор. Нашето законодавство ја зема предвид возраста на прекршителите и нивната способност за расудување“, рече Баланант, додавајќи дека кривичното право може „да го одреди системот на вредности на општеството“.

Максимална казна до 10 години

Новото кривично дело насилство во училиштата ќе важи за децата и возрасните во училиштата и факултетите, вклучително и сите вработени во училишниот систем како што се оние кои работат во училишните мензи. Прекршокот ќе се казнува со максимална казна затвор од три години и парична казна од 45.000 евра. Доколку жртвата на насилство се самоубие или се обиде да си го одземе животот, казната може да достигне 10 години затвор и 150.000 евра.

Во пракса, тешко дека осудените деца масовно ќе завршат во затвори, но ќе се организираат начини за отслужување на казната со вршење општествено корисна работа и едуцирање за последиците од злоупотребата. Законот, исто така, ќе ги зголеми средствата за превенција и образование, како и ќе обезбеди можности за вклучување на децата во програмите за превенција од насилство.

Некои пратеници рекоа дека самиот ризик од одење во затвор и добивање криминално досие ќе одврати многумина од злоупотреба на соучениците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот