Франција се радува, Исланд тагува: Познати полуфиналните двојки на ЕП

Франција ќе игра против Шведска во полуфиналето на ЕП/Будимпешта, Унгарија/26 јануари 2022/Фото: EPA-EFE/Tibor Illyes

Вечерва го дознавме и последниот патник во полуфиналето на Европското првенство, тоа е репрезентацијата на Франција која во последниот натпревар од главната фаза триумфираше над Данска со 30:29.

Исланѓаните претходно ја заврши задачата со победата над Црна Гора, и чекаа „услуга“ од Данска да слави против Французите за да можат да обезбедат пласман во следната фаза. Такво нешто и се најавуваше бидејќи Данците константно од почетокот на денешната средба во Будимпешта ја контролираа предноста воглавно одржувајќи позитива од „плус пет“.

Сите помислија дека играчите на селекторот Николај Јакобсен ќе ја запишат и седмата победа по ред на ЕП, но тоа на крајот изненадувачки не се случи. Французите при негатива од 27:22 во финишот направија целосен победнички пресврт од 8:2 што на крајот им донесе огромна радост кај француските фанови, а голема тага кај исландските навивачи. Во победничките редови по осум голови имаа Дескат и Мем, а во данскиот состав доминираше Киркелоке со 10 погодоци, еден помалку запиша Холм.

За в петок (28 јануари) се закажани полуфиналните мечеви на континенталниот собир, од 18.00 часот Франција ќе игра со Шведска, а Шпанија против Данска од 20.30 часот.

Во унгарскиот главен град на 30 јануари ќе се играат и натпреварите за пласман, односно од 15.30 часот е битката за бронзениот медал, а од 18.00 часот натпреварот за европската титула.

Видео на денот