Франција ќе испрати нови хаубици до Украина

Володимир Зеленски и Емануел Макрон
Володимир Зеленски и Емануел Макрон во Киев, Украина / 16 јуни 2022 / Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN

Франција планира да и испорача на Украина шест до 12 самоодни хаубици „Цезар”, што првично беа наменети за Данска, што се толкува како операција без преседан, во моменти кога Париз се обвинува дека не прави доволно за помош на Украина.

Испораката била предмет на долги преговори.

Според информациите на париски „Ле Монд”, Франција се подготвува да и достави на Украина нова серија на хаубици „Цезар”, преземени од нарачката првично наменета за Данска. Иако техничките разговори се финализираат, маневарот е предмет на начелен политички договор меѓу трите влади. Оваа вест е откриено за време на размената на информации во последните недели меѓу претседателот Емануел Макрон, неговиот украински колега Володимир Зеленски и данската премиерка Мете Фредериксен.

Опремата што Париз се обврза да му ја достави на Киев најпрво беше наменета за Данска, како дел од нарачката за 15 примероци нарачани во 2017 година, дополнети со четири други во 2019 година од производителот „Некстер”. Копенхаген прифатил во оваа фаза да се откаже од некои од овие орудија бидејќи тие се уште се во процес на техничка валидација, или дури некои од нив не се во согласност со спецификациите првично поставени од Данците. По првичното двоумење, Украина, чии лидери се задоволни од ефикасноста на хаубиците „Цезар”, покажа подготвеност да ги преземи овие орудија и да ги користи какви што се. Ниту Елисејската палата, ниту Министерството за вооружени сили не сакаа да ја коментираат операцијата.

Од почетокот на војната, Емануел Макрон е редовно обвинет дека не направил доволно за помошта на Украина. Според институт за светска економија од Кил, германска организација која собира поддршка за Украина,пресмета дека Франција е само на единаесеттата позиција за испорака на оружје. Далеку зад САД, најголемиот придонесувач (повеќе од 70 отсто од воената помош), но и по Канада, Чешка, Данска, Летонија…

-Постои јаз меѓу амбициите што ги покажува Франција и напорите што ги прави да и помогне на Украина. Денеска Париз не тежи ништо во конфликтот, никој не зборува за француско вооружување освен хаубиците „Цезар”, вели за Монд, Франсоа Хајзбур, советник за Европа на Меѓународниот институт за стратешки студии.

„Поддршката на Франција за Украина е далеку од она што може да го очекуваме од толку голема земја (…). Париз мора да направи повеќе, и може многу, многу подобро”, вели поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен, во интервјуто објавено на 23 септември во Ле Поинт.

Меѓујтоа, со подлабока проверка се покажува дека Париз не остана со скрстени раце. Според списокот доставен до „Ле Монд” од Елисејската палата, француската армија им доставила на украинските сили, покрај 18 хаубици „Цезар” со калибар 155 мм, оклопни возила (ВАБ), транспортни возила, противтенковски ракети Милан, антитенковски ракети Мистрал, авионски проектили, „борбена опрема” (шлемови, панцирни елеци, ноќни визири, борбени оброци, униформи на НХБО, медицинска опрема), муниција „од секаков калибар”, гориво… „Франција ѝ отстапи воена опрема на Украина без прекин од 27 февруари”, уверува опкружувањето на шефот на француската државата. И помошта во разузнавачки информации, исто така, била значајна.

Според информации на Монд, министерот за вооружени сили Себастиен Лекорну, исто така, му предложил на својот украински колега Олексиј Резников да создаде фонд, со учество од Франција со најмалку 50 милиони евра, од кој Киев може да црпи како што сака да купи воена опрема на француските производители. „Овој фонд може да е надополнува во зависност од еволуцијата на конфликтот”, прецизира извор запознаен со дискусиите. Предлогот беше разгледан на последниот состанок на сојузничките земји на Украина, што се одржа на 8 септември во базата во Рамштајн (Германија).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот