ФОТО+ВИДЕО | Тибинген – еколошко гратче кое ќе ве освои со својата бајковитост

Тибинген
Тибинген / Фото: EPA

Сместен во германски регион познат по својата штедливост, Тибинген е познат по својата „зелена“ репутација, град каде веганството и еколошката свесност се стандардно опкружување, пишува „BBC“.

На југозападниот дел на Германија, сместен меѓу планините во регионот на Швабија и густо пошумениот природен парк Шенбух, се наоѓа Тибинген, универзитетски град кој ќе ги фрли во сенка повеќето локации на Дизни.

Градот е изграден околу речиси совршено зачуваниот стар град, со калдрмисаните улички, стари дрвени куќи и канали. Додека историските центри на повеќето германски градови беа уништени за време на Втората светска војна, само една бомба падна на Тибинген. Реката Некар тече низ центарот на градот, формирајќи мал остров – Некаринсел, кој е покриен со цветови во пролет и златно сјае во есен.

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Тибинген се наоѓа во Швабија, германски регион познат по својата штедливост и кој, исто така, е едно од најсончевите места во земјата, што го прави значително повесел од другите делови на земјата со помрачно, дождливо време. Значајно е што како академски град, тој е мал, но динамичен.

„И покрај тоа што е мал град, го сметам за неверојатно интернационален. Првпат дојдов во Тибинген пред осум години за да посетам пријател и, на прв впечаток, градот ми изгледаше како бајка, со својот идиличен пејзаж и младешка атмосфера; од 90 000 жители, повеќе од 27 000 се студенти на Универзитетот во Тибинген. Се шетавме покрај разжуборените потоци, се гостевме со швапски специјалитети и патувавме на забави во автобуси полни студенти. Кога се збогував со овој чуден град, никогаш не замислував дека кога ќе се вратам години подоцна всушност ќе се враќам дома. Но, тоа е она што ви го прави Тибинген: ве привлекува и пред да знаете, леснотијата на живеење во толку мало и живо место како ова ве тера никогаш да не сакате да заминете“, вели Неле Нидек, која раководи со иселеничка заедница.

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Но, тоа не е сè што го карактеризира Тибинген. Исто така, тој е иновативен, зелен и овозможува постоење на алтернативни животни стилови.

Да ја ставиме во контекст уникатноста на градот – Тибинген беше еден од центрите на германските студентски протести во 1968 година, кои се одржаа низ цела Западна Германија, отфрлајќи ги традиционализмот и авторитетот, што влијаеше на левичарскиот и еколошки сензибилитет на градот.

„Во Тибинген има самоуправни иницијативи за домување, каде што готвењето и купувањето на намирници се организирани колективно и е главно веганско“, објасни Џени Бродер, која живее во Тибинген веќе 12 години и работи на универзитетот.

Фото: EPA/INGA KJER

„Луѓето кои живеат во овие куќи и ги управуваат, често се политички активни, негуваат свест за социјални и еколошки теми и придонесуваат за културната сцена со организирање концерти, предавања, фестивали и забави. Храната што се нуди на овие настани е обично веганска.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Veganuary (@weareveganuary)

Всушност, многу од луѓето кои ги запознав откако се преселив овде се вегетаријанци или вегани, и вообичаено е да се праша дали некој јаде месо како што е вообичаено да се праша дали има алергии. Тибинген е дури и официјален учесник во „Veganuary“, годишниот предизвик кој ги охрабрува луѓето да станат вегани во текот на месец јануари.“

Зелените политичари се дел од Окружниот совет уште од далечната 1979 година. И бидејќи една третина од неговото население се студенти, градот е дом на образована заедница која е свесна за еколошките прашања. Токму овој млад и енергичен дух овозможува одржливоста да биде функционална.

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

На пример, Амели Дитенбергер и Кајетан Крот почнаа да печат вегански леб од банана за време на пандемијата, прво правејќи индивидуални испораки, а потоа претворајќи го тоа во бизнис кој снабдува неколку кафулиња.

„Тибинген има одредена атмосфера на зелен и среќен град, и има многу млади луѓе, што одговара на нашиот проект. Луѓето даваат голема поддршка бидејќи тоа е локална иницијатива и особено го ценат тоа што го доставуваме во електричен автомобил“, вели Дитенбергер.

Седат Јалчин ја отвори пекарницата „Ada Bakery“ откако дојде овде на програма за размена пред неколку години, а сега ја води со неговата сопруга Ајсенур-Сарџан Јалчин. Додека Германија е позната по локалите за донер ќебап и шаварма, во пекарницата на Јалчин практично целата храна е вегетаријанска или веганска. Има вкусни буреци со спанаќ, компири, модри патлиџани, таан и сирење заедно со симити, кружен турски леб и богати салати.

„Секоја вечер е распродадено. Тука функционира вегетаријанска турска пекарница затоа што сите студенти, но и луѓето кои се од тука, се грижат за животната средина“, вели Јалчин.

Исто така, Тибинген постојано се редизајнира и ажурира за да биде уште поеколошки. Широките и добро интегрирани велосипедски патеки заедно со високите такси за паркирање го прават градот многу непријателски настроен кон автомобилите. Уредбата донесена во февруари 2022 година прогласи дека автомобилите повеќе нема да смеат да возат по централната улица на градот, која ќе биде резервирана за автобуси и велосипеди. Студентите можат бесплатно да патуваат со автобуси за време на викендите и по 19 часот навечер, додека патувањето со автобус е бесплатно за сите во сабота. Локалната власт дури планира да ги прави автобусите бесплатни цело време.

„Тибинген троши трипати повеќе по глава на жител за велосипедска инфраструктура отколку Копенхаген“, вели Борис Палмер, градоначалникот на градот.

А, новиот данок воведен на почетокот на 2022 година – при што Тибинген беше првиот град во Германија што го спроведе – уште повеќе го надгради зелениот статус на градот.

„Verpackungssteuer“ (данок за пакување) наметнува дополнителна исплата од педесет центи за секое пакување за еднократна употреба, од шолји за кафе до чашки за сладолед до чинии за оброци. Дополнително, секој прибор за еднократна употреба како виљушки, ножеви и лажици чинат уште дваесет центи. Дури и кутиите за пица и фолијата околу фалафелот за носење се оданочуваат.

Без оглед на тоа дали се направени од одржлив или рециклиран материјал, сè што е за еднократна употреба ќе биде поскапо, врз основа на принципот дека непроизводството е подобро од идното рециклирање или отстранување.

Борис Палмер / Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Данокот веќе започна со охрабрувачки почеток: првите неколку недели резултираа со до 15% помалку отпад во градските канти за ѓубре. Бројката само ќе се зголемува, бидејќи повеќе луѓе добиваат навика да носат свој прибор за јадење, а рестораните почнуваат да обезбедуваат јадења за повеќекратна употреба.

И жителите, и бизнисите на Тибинген одговорија на предизвикот.

„Престанав да чувам чинии за еднократна употреба. Веќе ги охрабрувавме нашите клиенти да донесат свои кутии за ручек, а сега овој данок помогна уште повеќе“, вели Нареш Танеја, кој е сопственик на веганскиот индиски ресторан „Maharaja“ во Тибинген веќе 30 години.

Јалчин додава дека локалната власт пружила помош за справување со данокот за пакување и им помогнала да купат машини за миење садови и прибор за јадење за повеќекратна употреба.

Мекдоналдс
Фото: EPA/MAURITZ ANTIN

Сепак, одлуката не помина добро кај единствениот „McDonalds“ во Тибинген, кој го тужи градот поради данокот. Со повеќе од 1500 ресторани низ целата земја, од „McDonalds“ тврдат дека е тешко да се приспособат решенијата и се расправаат за единствена рамка наспроти правилата кои се разликуваат во градовите.

„Се согласуваме дека најдоброто пакување е она што воопшто нема да биде произведено. Но, локалните посебни начини на поединечни градови или заедници стојат на патот на еден национално успешен и имплементиран концепт“, рече портпаролот, додека компанијата спроведува насочени испитувања на нивниот сопствен систем за повеќекратна употреба.

Меѓутоа, не е првпат „McDonalds“ да се обиде да спречи таков потег; данокот за пакување беше предложен во германскиот град Касел во деведесеттите, но тужбата на „McDonalds“ го поништи обидот.

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Сепак, Палмер е уверен дека данокот за пакување на Тибинген ќе надвладее кога ќе се расправа за случајот во март 2022 година.

„Веруваме дека градот има право да срочи таков данок и потоа дури и големите компании ќе мора да го прифатат. Не можам да сфатам зошто една интернационална компанија не може да се префрли на материјали за повеќекратна употреба, кога секој мал бизнис може да го направи тоа“.

Палмер, кој беше назначен за градоначалник во 2007 година, според многумина е заслужен за обликувањето на зелените политики на Тибинген, како што се задолжителните соларни фотоволтаични системи на покривите и бесплатните автобуси во сабота.

„Во последните 15 години видовме намалување на емисијата на јаглерод диоксид по глава на жител за 40 отсто, додека економијата на Тибинген порасна за 40 отсто. Ова ни дава надеж дека можеби ќе има начин да се надмине глобалното затоплување и да продолжиме да растеме“, вели тој.

Фото: EPA-EFE/RONALD WITTEK

Иако може многу да се научи од моделот на Тибинген, можеби е тешко да се повторат победите на градот, бидејќи тие произлегуваат од уникатно поддржувачкиот социјален и политички пејзаж.

Некои се загрижени дека Тибинген се заканува да отиде предалеку: една статија на „Der Spiegel“ од 2011 година го опиша Францускиот кварт, една од најзелените населби во градот, но и во земјата, како „зелен пекол“, претставувајќи ги локалните жители како „нетолерантни“ и „лицемерно зелени“.

Исто така, многумина сметаат дека Тибинген е премногу академски за да се смета за пример од реалниот свет.

„Ќе останете во академскиот балон ако живеете таму“, рече Кети Винклер, која живеела во Тибинген неколку години пред да се пресели во Берлин.

Сепак, примерот на Тибинген покажува дека отворањето на патот за позелена планета може да се постигне во мал обем, докажувајќи дека малото може да биде моќно, убаво и инспиративно.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот