ФОТО+ВИДЕО | Спасовски и Вулин во Старо Нагоричане на увид во ситуацијата по вчерашниот пожар

Оливер Спасовски Александар Вулин
Фото: Министерство за внатрешни работи

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски заедно со неговиот српски колега Александар Вулин попладнево престојуваа во Старо Нагоричане, каде што пожарот е локализиран, но, како што наведе Спасовски, поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од негово повторно ширење.

– Во текот на вчерашниот ден, особено во попладневните часови, се соочивме со навистина сериозна ситуација со 13 активни пожари, посебно на источниот дел од државата, од кои дел и на тешко пристапни локации, што беше причина да ја напуштам свеченоста на Мечкин Камен во Крушево и веднаш да дојдам во регионов, кадешто македонската полиција веќе беше на терен и помагаше во гасењето на пожарите. Меѓу нив и овој на подрачјето на Старо Нагоричане, каде што сме сега, кој е локализиран, но поради теренските специфики и временските услови бара насочување на добар дел од капацитетите за да се избегне ризикот од него повторно ширење, рече Спасовски на средбата со Вулин.

Оливер Спасовски Александар Вулин
Фото: Министерство за внатрешни работи

На средбата при посетата на Старо Нагоричане присуствуваа и директорот на БЈБ, Сашо Тасевски и градоначалничката на Општина Старо Нагоричане, Жаклина Јовановска.

– Имавме тешка и долга илинденска ноќ, но нашето место беше рамо до рамо со нашите граѓани! Државата е со нив, со сите расположливи ресурси, а со нас денеска се нашите пријатели од Србија. Тие ни испратија четири хеликоптери за гаснење на пожарите, што ќе се приклучат на нашите два хеликоптера и ќе сториме сѐ што можеме да ја спречиме огнената стихија низ државата. Би сакал да упатам голема благодарност до Република Србија, која повторно се покажа како сосед за пример, подавајќи рака кога ни е најтешко и до министерот Вулин лично, за денешната посета, поддршка и помош за Република Северна Македонија, за нашите граѓани, рече Спасовски.

Оливер Спасовски Александар Вулин
Фото: Министерство за внатрешни работи

Спасовски подвлече дека солидарноста и заедништвото се многу важни во вакви моменти, а благодарение на функционалноста на системот, на професионалноста на службите – пожарникарите, полицијата, армијата, локалната самоуправа, но и на смиреноста и солидарноста на граѓаните, како и одговорноста на медиумите при известувањето, ситуацијата со вчерашните пожари е ставена под контрола, додавајќи дека состојбата и понатаму будно се следи, со сите ангажирани расположливи капацитети и со оние кои допрва се очекува да стигнат од пријателите и сојузниците.

– Секој еден е важен кој ќе ни се приклучи во оваа наша борба. Материјалната штета повторно заеднички ќе ја надоместиме, а безбедноста на граѓаните останува наш најголем приоритет, порача Спасовски, апелирајќи до граѓаните да избегнат движење по шумите, согласно владината одлука за целосна забрана за движење во шума.

Фото: Министерство за внатрешни работи

Српскиот министер Вулин истакна дека од денеска на просторот на Северна Македонија се наоѓаат четири хеликоптери на МВР на Србија, од кои три се противпожарни, односно можат да гасат пожар, а четвртиот е за извидување и наведување, а доколку ситуацијата се влоши, додаде тој, спремни сме да интервенираме и со наши луѓе и со техника каде што ќе биде потребно.

– Само неколку дена по Самитот во Скопје, каде нашите лидери ја изразија потребата на сите народи на Балканот да бидеме поблиску едни кон други и низ сите форми на соработка навистина да создадеме Отворен Балкан, денеска се покажува колку е тоа важно и колку е потребно, рече Вулин, додавајќи дека српскиот претседател Вучиќ по разговорот со премиерот Заев веднаш издаде наредба за помош на граѓаните на Северна Македонија, независно што и кај нив е актуелен проблемот со пожарите.

Фото: Министерство за внатрешни работи

Тој потсети дека зад опожарените ридови се наоѓаат ридови кои и припаѓаат на Србија, па изгаснатите пожари тука ќе значат превенција од проширување на пожарите на територијата на Србија.

– Сите ние сме едно на овие простори и мораме да бидеме блиску, што поблиску едни кон други. Би сакал да изразам полна солидарност кон граѓаните на Северна Македонија во име на Владата на Република Србија и Министерството за внатрешни работи и да порачам дека нашата помош е тука, таа секогаш ќе биде брза, сигурна и на нас секогаш ќе можете да се потпрете, нагласи Вулин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот