ФОТО+ВИДЕО | Првата дама на тема ментално здравје: Вистинскиот збор изговорен во вистинското време може да спаси нечиј живот

Елизабета Ѓоргиевска
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска денеска се обрати на настанот ,,Зачувување и унапредување на менталното здравје во услови на криза и мирнодопски услови” во организација на Црвениот Крст на Република Северна Македонија.

На настанот беше претставен системски модел за пружање на прва психолошка помош во услови на криза и мирнодопски услови со цел унапредување на активностите за поддршка и помош на граѓаните и институциите во државата.

Говорејќи за последиците од пандемијата со ковид-19, сопругата на претседателот истакна дека социјалната дистанца, загубата на членови на семејството, економските штети и, воопшто, неизвесноста за личната и за колективната иднина, драстично ги зголеми проблемите со менталното здравје кај луѓето во повеќето држави во светот, а во нашата држава бројни здравствени установи веќе ја забележаа зголемената потреба за психосоцијална поддршка на македонските граѓани.

Елизабета Ѓоргиевска ментално здравје
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Ѓоргиевска истакна и дека како волонтер на Црвениот крст на Република Северна Македонија, за време на карантинот, заедно со психолог и волонтери на Црвениот крст, секој четврток во неделата одговараа преку СОС телефонската линија за помош на различни ранливи категории, при што се јавуваа возрасни и изнемоштени лица на кои им е потребна психосоцијална поддршка за полесно справување со стресот предизвикан од актуелната состојба.

– За мене, ова беше бесценето волонтерско искуство бидејќи можев да поразговарам со наши сограѓани и да се обидам да им помогнам. Со мојот личен ангажман сакам да охрабрам што повеќе хумани луѓе да волонтираат за солидарно македонско општество. Треба да бидеме свесни дека некогаш вистинскиот збор изговорен во вистинското време може да спаси нечиј живот, рече Ѓоргиевска.

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Изразувајќи ја својата поддршка на иницијативата на Црвен крст која преку отворање на Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална прераснува во системски модел за давање прва психолошка помош во услови на криза и во мирнодопски услови, Ѓоргиевска изрази надеж дека овој проект на Црвениот крст ќе помогне и во надминување на социјалната стигматизација во македонското општество поради барање психолошка помош и со тоа ќе помогне во справувањето со негативните ефекти од пандемијата.

На настанот се обратија и генералниот секретар на Црвениот крст на Република Северна Македонија, Саит Саити, министерот за здравство, Венко Филипче, заменик министерот за труд и социјална политика, Енвер Хусејин и советникот во Министерството за образование и наука, Душан Томшиќ.

Во Центарот за прва психолошка помош и психосоцијална работа којшто се отвора во Црвениот крст на Република Северна Македонија ќе се спроведуваат одржливи активности за градење на граѓанските и националните капацитети за обезбедување на прва психолошка помош и психосоцијална поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот