ФОТО+ВИДЕО | Пендаровски: Поединците како Стефановски, Хаџиманов, Несими и Мукаетов ја прават поголемата слика за напредокот на нашата татковина

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Претседателот Стево Пендаровски денеска во претседателската резиденција со високо државно одликување „Орден за заслуги за државата” ги одликува постхумно писателот Горан Стефановски, пејачот и актер Зафир Хаџиманов и професорот Ремзи Несими, како и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.

Претседателот Пендаровски четворицата носители на одликувањето имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.

– Денес сме собрани тука за да искажеме почит и да им се заблагодариме на четворица наши великани. Еден драмски писател, еден музичар/актер, еден лингвист и еден стопанственик. Пред нас се четири животни приказни, кои имаат различни генерациски, творечки и професионални траектории, но, сепак, се спојуваат во единствениот животен пат кој води кон создавање на нови вредности во македонското општество.

Ќе започнам со Горан Стефановски, нашиот мајстор раскажувач, кој преку своите антологиски драми ни помага да ја разбереме приказната за нас. После Блаже Конески, Славко Јаневски и Петре М. Андреевски, Стефановски е веројатно последниот голем архивар и согледувач на македонската култура и на македонските крстопати. Во своите дела и  јавните настапи тој постојано нѐ потсетуваше дека идентитетот значи одговорност и напорна работа.

Овој наш драматуршки маг во своите дела прави длабока вивисекција на човековото битие и дава прецизна дијагноза за повеќе македонски, балкански, но и глобални аномалии. Иако изнесени уште пред 40-тина години, многу од неговите согледувања се сеуште точни. Постојано нагласувајќи дека, за да преживее, човекот има насушна потреба да ткае приказни, Горан Стефановски преку неговите драмски дијалози не поттикнува да си ја пронајдеме вистинската улога во нашата автентична приказна. Во некои од последните предавања, тој предупреди на опасноста од клишеата кои можат да не одведат во заблуда, да не заробат во искривени и лажни прикази за нас самите. А „погрешната приказна може скапо да не чини“, велеше Стефановски, повикувајќи не сите нас на беспоштедна битка против стереотипите.

Вториот лауреат е бардот на македонската популарна музична сцена, неповторливиот Зафир Хаџиманов. Овој плоден и сестран уметник преку музиката, поезијата, преку драмските и филмските улоги, умееше да зборува на јазикот на повеќе генерации и при тоа, лесно и незабележливо да поврзува различни луѓе и народи.

Верен на своето македонско културно јадро, Хаџиманов умееше да ја интерпретира македонската изворна музика низ современи и популарни форми. Препознатлив по неговата широка насмевка, кралот на шансоните успеваше да ја плени публиката каде и да настапуваше. Сам, или во тандем со неговата сопруга, Сенка Велетанлиќ, тој сними безброј звучни записи, ТВ-програми и го обиколи светот одржувајќи концерти и собирајќи награди и признанија за македонската, а и некогашната поширока југословенска култура.

Третиот лауреат е основоположникот на високото образование на албански јазик во нашата земја, професорот Ремзи Несими. Овој голем интелектуалец од редок ков и широки познавања, со својата плодна образовна, научна и културна работа придонесе за стандардизација на албанскиот литературен јазик и негово воведување во образованието, во печатените и електронските медиуми во Македонија и, воопшто, за негување и збогатување на современиот албански јазик.

Како автор на бројни трудови, книги и учебници, професорот Несими е неспорно еден од најголемите авторитети на полето на албанологијата, почитуван и цитиран од сите албанолози и кај нас и во светот. Како истакнат лингвист и просветител, тој го потенцира централното место на јазикот во културата на еден народ. Јазикот како клуч за толкување на светот, пренесување на мудроста и животните искуства, за поврзување на генерациите.

Четвртиот лауреат е денеска со нас. Господинот Живко Мукаетов е сигурно еден од најпознатите луѓе од бизнисот во Република Северна Македонија. Раководи со компанија која е еден од носечките столбови на македонската економија, шеста фармацевтска индустрија во Југоисточна Европа. Под негово раководство „Алкалоид“ АД во своите напори за опстојување на пазарот има вложено околу 200 милиони евра во модерни производствени капацитети, опрема, лаборатории, во технологија, софтвер и најважното, во кадарот. Благодарение на господинот Мукаетов, брендот „Алкалоид“ стана препознатлив по врвниот квалитет и принципиелната корпоративната политика на компанијата. Освен што е успешен стопанственик, Мукаетов е и познат филантроп кој како прв човек на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ до сега има стипендирано 539 млади таленти од факултетите по медицина и фармација при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Исто така, тој е и долгогодишен поддржувач на спортот што со своите успеси често пати знае да го сплотува македонското општество, рече Пендаровски.

Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски
Фото: Кабинет на претседателот Стево Пендаровски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот