ФОТО+ВИДЕО: На Галичица пожарот активирал стара експлозивна направа, Магаро небезбеден за качување

Пожар во Преспа. / Фото: Фејсбук, Стојанче Ангелов

Пожарот кој од вчера се шири на падините на планината Галичица, на албанска територија и кој во текот на денешниот ден  се прошири и на тревнатите делови на планината во пограничниот појас, попладнево предизвика експлозија, најверојатно од стара експлозивна направа, заостаната од балканските или од Првата светска војна.

Пожар во Преспа. / Фото: Фејсбук, Стојанче Ангелов

До неговото целосно гаснење врвот Магаро (2255) и неговата околина не се безбедни за искачување и движење, информираат од Центарот за управување со кризи.

„Во моментов се враќаме од хеликоптерско извидување на пожарот кој во текот на денешниот ден се појави на сртот на планината Галичица а кој се уште гори во граничниот појас на територијата на Албанија, со голема веројатност во текот на ноќта да навлезе и на наша територија“, информира Илија Бојаровски, портпаролот на Центарот за управување со кризи.

Тој инфомираше дека во текот на денот на Галичица гореше трева, но дека постои можност пожарот да се спушти кон пониските делови на планината и да ја загрози високата букова шума од страната на Преспанско и од страната на Охридско Езеро.

„Карактеристика за овој пожар е силната експлозија која се слушнала попладнево, а за која се претпоставува дека е предизвикана од, активирана од огнот, експлозивна направа, најверојатно мина или друг виде ксплозивно средство, остаток од борбите коишто се воделе на ова подрачје во Балканските или Првата светска војна“, изјави Бојаровски.

Од ЦУК денес предупредија дека евентуалното гаснење на овој пожар од копно дополнително е комплициран поради тоа што е познато дека на тој терен има заостанати мини и друго артилериско оружје од минатиот век, што би ја загрозило безбедноста на противпожарните единици и спасителни служби.

Пожар во Преспа. / Фото: Фејсбук, Стојанче Ангелов

Главниот штаб за управување со кризи дополнително ќе одлучи на кој начин ќе се гасне овој пожар при тоа на прво место ставајки ја безбедноста на посадата на хеликоптерите, како и безбедноста на луѓето кои ќе учествуваат во гаснењето на пожарот од земја, информираа од ЦУК.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот