ФОТО+ВИДЕО | Меморандуми за соработка за два проекта за поддршка на Ромите во земјава

Алекс Сорос Зоран Заев
Зоран Заев Фото: Влада на Република Северна Македонија

Два меморандума поврзани со Стратрегијата за инклузија на Роми беа потпишани денеска во Владата во присуство на премиерот Зоран Заев и заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество (ФОО), Алекс Сорос.

Првиот меморандум е за соработка и промовирање на развојот на претприемништвото на Ромите во Северна Македонија и го потпишаа министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, директорот на Агенцијата за вработување Абдуш Демири и Петрика Дулгеру од Иницијативата за економските развој на Ромите – РЕДИ. Вториот меморандум е за соработка за спроведување на итни интервенции во поликлиниката „Шуто Оризари“ и го потпишаа министерот за здравство Венко Филипче, директорите на Здравствен дом-Скопје, Виктор Исјановски и Бесим Кока, и Елвис Шаќири од Ромалитико – Аваја.

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Премиерот Заев истакна дека со потпишувањето на меморандумите се потврдува заложбата на Владата за социјални и економски политики за поттикнување на претприемништвото на ромската заедница, како и социјално-здравствени политики за поддршка на ранливите заедници.

Во однос на првиот проект, тој рече дека Владата го препознава потенцијалот на ромското претприемништво и долгорочна цел и е економска стабилност на ромската заедница.

Со проектот за финансиска поддршка за развој на претприемништвото кај припадниците на ромската заедница, со Мечинг-фонд на Владата на РСМ; МТСП, Агенцијата за вработување и Иницијативата РЕДИ, се овозможуваат пристапни и поволни услови за користење на финансиските средства, кои се предвидени во вид на исклучително поволни кредитни линии за невработени лица регистрирани во Агенцијата за вработување и регистрирани субјекти заради создавање услови за нови вработувања, за поддршка на формализација на сивата економија, како и за поттикнување на претприемништвото кај ромската заедница.

– За реализација на овој проект, со заедничко учество, односно мечирање средства на Владата на РСМ во износ од 61,4 милиони денари и со средства на Иницијативата РЕДИ во износ од 92,1 милион денари, ќе се обезбедат вкупно 153,5 милиони денари за реализација на овој одличен проект. Средствата за финансирање од страна на Владата од 61,4 милион денари се обезбедени од петтиот сет економски мерки за справување со последиците од Ковид-19. Со Мечинг-фондот, првично вреден 153,5 милиони денари, создаваме услови за едноставно достапни и поволни наменски средства за да го поттикнат развојот во ромската заедница и за полесен премин во регистриарана дејност, егзистирање, но и унапредување и проширување во бизнисот. Нашите очекувања се дека голем број невработени лица и регистрирани субјекти годишно управувани од Роми преку овие мерки ќе имаат пристапни поволни услови за финансиски средства за формализација, реализирање бизнис-идеи, самовработување и унапредување на бизнисот, изјави Заев по потпишувањето на меморандумите.

За проектот за кој беше потпишан вториот меморандум – итни интервенции во поликлиниката во Шуто Оризари, Канцеларијата на ромските иницијативи во рамки на Фондацијата Отворено општество – Берлин обезбеди 63.800 евра, а имплементиран е од Институтот за истражување и анализа на политики „Ромалитико” во соработка со граѓанското движење „Аваја”, Министерстство за здравство и Здравствен дом-Скопје.

Фото: Влада на Република Северна Македонија

– Со овој проект придонесуваме за подобрување на условите во поликлинката „Шуто Оризари” при справување со здравствени предизвици и управување и ублажување на последиците од Ковид-19 за ромското население во оваа скопска општина, рече Заев.

Со дел од тие средства е набавено амбулантно возило за итна помош за потребите на поликлиниката и за населението во ромската општина. Другиот дел од средствата, рече Заев, ќе се наменат за работно ангажирање за 24 месеци на две лица Роми во Здравствен дом-Скопје, за потребите на поликлиниката Шуто Оризари, и за функционирање на амбулантното возило. По истекот на двете години, тие ќе останат трајно вработени во поликлиниката.

Заев се заблагодари на ФОО и на сите вклучени организации во проектите и посака нивна успешна реализација.

Заменик-претседателот на Фондацијата отворено општество (ФОО) Алекс Сорос изјави дека Ромите се надеж и потенцијал за Северна Македонија и за целиот Западен Балкан и се, како што рече, социјално ткиво на оваа средина која создава мултиетничка демократија – уникатна во многу аспекти и од која треба да учи и Европа.

– Ромите се соочуваат со две пречки – дискриминација, социјална и економска, и со нееднаквост. Токму затоа, младите ромски лидери се повикуваат за економско јакнење и затоа сакаме да ја поддржиме Иницијативата за развој на ромско претпримеништво-РЕДИ, и затоа со премиерот Зоран Заев и ромските претприемачи ја започнуваме иницијативата, рече Алекс Сорос, додавајќи дека ФОО ќе ја поддржува Иницијативата РЕДИ во земјава, како и сите Роми во Западниот Балкан за да се зголемат нивните можности.

Според него, иницијативата за соработка „Отворен Балкан” помеѓу нашата земја, Србија и Албанија, промовирана вчера во Скопје, отвора нови можности и за Ромите и за другите луѓе во овој регион.

Алекс Сорос изјави и дека се надева оти средствата за реализирање на проекти за Ромите ќе бидат зголемени и преку финдовите на Европската комисија и со јавно приватно партнерство. Се заблагодари што нашата Влада прифатила партнерство со РЕДИ и заклучи дека од пред неколку години македонската Влада е посветена за приоритетите на Ромите во земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот