ФОТО+ВИДЕО | Мексиканските новинари го дигнаа својот глас: Масовни протести поради насилствата врз медиумските работници

Протести на новинари во Мексико
Мексико е една од најопасните земји за новинарите, а меѓу 2000-2021 година се убиени 145 новинари. / Фото: EPA-EFE

Мексиканските новинари започнуваат протести во 28 места и градови за да ги осудат неодамнешните убиства на тројца новинари и да бараат да се стави крај на неказнетите убиства на нивните колеги.

Планираните протести се организирани по убиството на искусната новинарка Лурд Малдонадо во неделата, три години откако таа постави прашање за убиствата до претседателот Андрес Мануел Лопез Обрадор и рече дека се плаши за својот живот.

Мексико е една од најопасните земји за новинарите, а меѓу 2000-2021 година се убиени 145 новинари, објави невладината организација „Член 19“.

Мексиканските новинарски здруженија гласаа за одржување собири, кои ќе се совпаднат со онлајн протестните кампањи. „Постои итна потреба државните и федералните власти да спречат напади, да ги заштитат новинарите кога се жртви и внимателно да ги истражат злосторствата против медиумите”.

Убиството на Лурдес Малдонадо во северниот град Тихуана, во близина на границата, каде што таа работеше како новинар со години, уследи по претходните убиства на уште двајца мексикански новинари овој месец. Лопез Обрадор, кој се најде на удар на критики поради тоа што не направи доволно за да ги заштити новинарите, рече дека владата ќе го истражи и „ќе го расчисти ова злосторство за да спречи понатамошни убиства на новинари“.

Неговите критичари велат дека Лопез Обрадор не успеал да ги исполни ветувањата за намалување на насилството, борбата против длабоко вкоренетиот организиран криминал или намалување на неказнивоста. Мексиканскиот претседател призна дека криминалот и насилството се производи на хроничната корупција и нееднаквоста што владеат во Мексико.

Фото: EPA-EFE/Ivan Villanueva
Фото: EPA-EFE/Miguel Sierra
Фото: EPA-EFE/Francisco Guasco
Фото: EPA-EFE/Francisco Guasco

Извор: МИА

Видео на денот