ФОТО+ВИДЕО | Гервала Шварц за „Отворен Балкан“: Паралелните иницијативи не се нешто ново, но може да бидат и опасни

Фото: Facebook/Бујар Османи

Вицепремиерката и министерка за надворешни работи и дијаспора на Косово, Доника Гервала Шварц, денеска на прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи во Скопје, оцени дека Иницијативата „Отворен Балкан“ може да биде опасна за Косово, како и да ја загрози заедничката цел на земјите од регионот, а тоа е членството во Европската Унија.

– Мислам дека паралелните иницијативи во суштина не се нешто ново, но се опасни за тоа како ние ја гледаме нашата држава во регионот, но и како се гледаме од страна на ЕУ, тоа е мојата претпоставка и моето мислење. Без да го негираме правото на која било независна и суверена држава да носи свои одлуки за тоа во кои иницијативи ќе учествува, со кого сака да создаде мали или големи коалиции, Република Косово, иницијативата од Нови Сад, која едно време беше нарекувана Мини Шенген, а од вчера Отворен Балкан, ја смета за опасна. Се создава атмосфера дека имаме алтернатива за нашиот заеднички пат кон ЕУ, оцени Гервала Шварц.

Според неа, се поставува прашањето кон кого е отворена оваа иницијатива, и тука, рече таа, „треба да се запрашаме и за геостратешките цели на нашата држава, бидејќи во нашиот регион не сите држави ги имаат истите геостратешки цели”.

Фото: Facebook/Бујар Османи

Таа истакна дека Република Северна Македонија и Косово се многу јасно фокусирани како држави кои како нивна главна цел ја имаат интеграцијата и зачленувањето во ЕУ.

– Македонија е членка на НАТО, ние сакаме да ги исполниме сите услови да бидеме дел од НАТО и ова мислам дека е јасно. Тоа не може да се каже за сите други држави во регионот. Значи, наместо да правиме конфузии со нашите пораки, мислам дека треба да сме попосветени, да даваме придонес во заедничката цел и политика, за нашите прагматички цели и потоа да видиме што во иднина можеме да направиме околу тоа. Има и други предлози. Ова е значи нашиот став за Иницијативата од Нови Сад, оцени косовската министерка.

Владата на Косово вчера соопшти дека не ја поддржува иницијативата за „Отворен Балкан”, иницирана од премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на Регионалниот економски форум што вчера се одржа во Скопје. Владата на Косово вели дека иницијативата е „без визија за регионот”. Од кабинетот на косовскиот премиер Албин Курти информираа дека не биле поканети на Регионалниот форум поради противењето на иницијативата која потекна од средбата на Заев, Рама и Вучиќ во октомври 2019 година во српскиот град Нови Сад.

Заев, Вучиќ и Рама вчера порачаа дека кон оваа Иницијатива, чија главна цел е создавање една економија, без царини, без задржувања на границите и со сто проценти слободна трговија, можат да се приклучат и останатите балкански држави.

Видео на денот