ФОТО+ВИДЕО | Бурек – кралот на појадоците во работна атмосфера

Фото: Приватна архива

Бурек. Само што ќе го изговорам, топло ми е на душава. Испарува. Со месо, со урда (да се разбереме, тоа што го пишуваат дека е сирење, е всушност урда), со спанаќ, а во поновиве верзии и „пица“ и „зденка- маслинка“.  Тесто што е најбарано наутро, а богами и доцна во ноќта кога завршуваат забавите. 

Каде и да работи човек во нашава земја, појадокот е или набрзина или е во форма на некое печиво. Ние си сакаме утрински, да си го згрееме срцето со бурек. Барем јас, штом залади, прво што мислам за појадок е тоа. Не е најздравата опција, но е барем удобно за непцето, особено со јогурт.

Фото: Приватна архива

Историски гледано, бурекот е во „фамилијата“ полнети теста, односно познат и како јуфка, со потекло од Отоманското царство. Она што е специфика за бурекот е што основата му е тесто, а полнењето може да биде различно, како и формата.  Името потекнува од турскиот корен bur – „да завиткува, витка“, а со тоа се кажани многу нешта. Во одвиткана форма, бурекот е омилен појадок во многу работни средини на Балканов.

Памтам дека на едно патување во Сараево, стигнавме доцна во ноќта во градот и прво што направија домаќините – нè однесоа на сараевска „кромпируша“! И тоа е вид на бурек, во долгнавеста форма, со многу компир, кромид и бибер во филот… И како да го заборави човек тоа искуство?
А баш тогаш и Дино Мерлин излезе со албумот „Бурек“, па имаше смисла да се зачуваат вакви фрагменти од патувањето.

Најважно е што освен што е во поп културата, во сленгот, бурекот е и во основа, причина за утринската работна, па и општествена заедница да биде заситена. Дури и К- 15 Трио го зачуваа во својата песна, преработката на популарната „Fever“ на Елвис Присли.
Признајте дека си го запеавте рефренот 😉

Еве како се прави бурекот, една магична видео приказна.

А сега, трк до првата бурекџилница и наздравје појадок:)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот