Фоторобот на криминалецот во политиката: Бескрајно искачување во празно

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Заштитен од сите страни, нахранет и напиен до пукање, како зрела вошка, збогатен од работа од која чесен човек не се збогатува… Цел живот цица на државни јасли, седнува на секоја фотелја што ќе му се види удобна (советник, пратеник, професор, партија…). Сѐ што може и не може го става на државна сметка. Плус: го користи имунитетот насекаде (во муабет со сообраќаец, на пример), користи што е можно повеќе хонорари, дневници, сите можни привилегии, а краде пораки од граѓанските организации што бараат укинување на привилегиите. Во главата нема ниту една идеја, барем колку да постави добро прашање, а уште помалку да понуди одговор. Така е, во главата нема дури ни глупав одговор на важни прашања.

И тоа не е сѐ, драга публико. Пцуе како кочијаш, вулгарен е и глупав, се заканува и повикува на војна во која некои други би гинеле, никако тој. Крши закони најмалку еднаш дневно. Бесрамно лаже и манипулира. Читал нешто, ама не дочитал, разбрал по нешто, но и тоа знаење го злоупотребува.

И бара уште: пари, моќ, позиции, привилегии и власт. И, замислете, тоа ни оддалеку не е сѐ.

Додека ги нарекува предавници сите што избрал отворено да ги мрази, тој самиот е вплеткан во операции против државата. Ја злоупотребува демократијата и со црна пропаганда бие битка против Владата, во спрега со разузнавачки центри, чија цел е да внесат раздор, несигурност и насилство во земјата. Ги злоупотребува медиумите и социјалните мрежи да навредува и клевети интелектуалци, медиуми, активисти и уметници.

Зошто? Затоа што тие се борат за вредности. Зошто? Затоа што политичарите се борат за власт и со нив може да се преговара, да се натпреварува на избори, да се изгуби или добие некој политички поен пред камери или да се извлече амнестија во заплетканите коридори на политиката. Но нема што да извлече од оние што се борат за вредности. Напротив, тие се живо сведоштво за нешто што тој никогаш нема да биде.

Ја гледам оваа креатура, искомплексирана будала со грозен речник и однесување, како се нафрла врз невладини организации и интелектуалци. Повеќе труд троши на нив, отколку на своите политички опоненти во парламентот. Политички неписмен, со патолошко однесување што одамна ги поминало границите на прифатливото, со очигледни криминали за кои и неговите довчерашни колеги говореле и пишувале (патем сите ги отстрани од партијата), тој се нафрла како што ќе му текне, на луѓе кои нешто значеле, значат и ќе значат во ова општество.

Ќе му требаат уште триесет животи да го симне тој срам што го нанесе на себе, на својата партија, на идејата за таква партија што ја турка кон крајната десница, за сите што се во негово најблиско опкружување. Срам е за универзитетот (државен) од кој зема плата, а за „возврат“ упропастува млади со своите комплекси, злоба, глупост и криминално дејствување против сопствената земја. Добро рече еден мој пријател: Кој се гордее со него, мора нешто да му фали, се разбира, освен ако не му е семејство (семејството, најчесто, безусловно сака).

Најлесно е да се удри таму каде што нема одбрана и каде што не се прибегнува кон инструменти со кои може да се возврати во иста мера. Оди со навреди против луѓе што не се борат за власт и сами го заработуваат својот леб, а за оваа земја направиле повеќе отколку сите националисти заедно во трите децении македонска самостојност.

Стуткан во својата злоба и неспособност, ова сениште е длабоко несреќно и празно. Не постојат пари, моќ или слава што можат да ја надоместат таа болна празнотија во него и во неговите зборови (лаги). Колку и да се качува по скалилата, тој е речиси невидлив (безначаен) за својот спонзор – непријателот на демократијата, правдата и слободата. Едноставно, неговиот живот на јавната и политичката сцена е бескрајно искачување во празно. И сето време го јадат комплексите, бидејќи не може да им дојде ни до глуждот на оние против кои сесрдно плука.

Ова е „фоторобот“ на дел од македонските криминалци во политиката, се однесува на повеќе десетици неранимајковци што ги гледаме, слушаме и читаме секој ден, како со нашите пари удираат по нашите животи. Родово е несензитивен, од проста причина што мажите речиси целосно доминираат во оваа категорија. За нивна голема жал и на разочарување на нивните поголеми газди и спонзори, криминалците во политиката ќе добијат можеби уште некоја битка, но војната што ја поведоа – извесно е – ќе ја изгубат.

Цивил медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот