Фотоизложба на Сашо Н. Алушевски: Несекојдневни портрети на врвни уметници

Фотографската изложба со наслов „Портрети на уметници: Ситуацијата е розова“ на Сашо Н. Алушевски на 20 јули ќе биде отворена во галеријата на Културно-информативен центар (КИЦ) во Скопје. Изложбата е дел од програмата на „Скопско лето“, а пред публиката ќе бидат изложени несекојдневни портрети на познати македонски уметници.

– Фотографиите се направени на мокар колодиумски процес – фотографска техника од средината на 19 век со кој, заради неговата тежина и специфичност, се занимаваат само мал број врвни уметници во светот, а се смета за една од најблагородните фотографски техники, како во однос на нејзината специфична естетика, така и во однос на квалитетот и трајноста на самите фотографии. Кај нас досега никој не се занимавал со ваков вид фотографија. Оригиналните фотографии се направени на стаклени плочи. Делата за изложбата се дигитално испечатени скенови од стаклените плочи – открива авторот Сашо Н. Алушевски.

Од поширокиот избор на фотографии со над 40-ина уметници избрани се 20-ина, од крајно субјективни причини на авторот. Фотографиите се настанати во различни контексти. Некои од нив се направени на ликовните колонии „Арт поинт гумно 2019“, „Де Ниро 2020“, има фотографии од работилницата за колодиумска фотографија на „Македокс 2018“, а повеќето се направени наменски, во студио во Скопје, за да бидат дел од оваа серија.

„Циклусот беше најавен во 2020 година и го сметам за отворен и може да трае со години, со намера да се направат портрети на нашите уметници од сите бранши и генерации, на благородна техника и крајно субјективен избор и пристап кон портретираните“, објаснува Алушевски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 89, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 17-18 јули 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот