Фотоизложба на Роберт Јанкулоски: Лажни семејства во туѓ амбиент

Изложба на фотографии со наслов „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“ на фотографот Роберт Јанкулоски од 11 септември е поставена во ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Проектот „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“ на фотографот Роберт Јанкулоски содржи 15 фотографии изработени на архивска, памучна хартија, на кои е пренесено авторовото видување за семејството и на љубовта, за начинот на виртуелно живеење во денешно време.

Авторот Роберт Јанкулоски (1969, Прилеп) досега реализирал 36 самостојни изложби и е еден од најактивните творци во областа на визуелната уметност кај нас. Во моментов е редовен професор и декан на Факултетот за филмски уметности при Интернационалниот универзитет „Еуропа Прима“ во Скопје.

Во текстот со наслов „Да се сочуваат фотографии значи да се сочува светот“ теоретичарката на уметност Светлана Младенов за изложбата „Инстант семејства – мултипликација на љубовта“, меѓу другото, напиша: „Во ова концептуално дело Јанкулоски го истражува актуелниот општествен контекст на Скопје, градот во кој живее и работи, а кој е пример, а воедно и жртва, на последиците од распадот на заедничката држава (Југославија) и формирањето на малите засебни самостојни заедници (држави, републики, со признаени и полупризнаени статуси).

Скопје во визуелна и во културолошка смисла по вторпат за педесет години доживеа судбоносна промена. Првиот пат по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, а вториот пат по проектот Скопје 2014, што е сè уште во тек. Денес, центарот на градот е доведен до непрепознатливост. Уреден е голем субурбан дел со новоизградени згради што по стил изгледаат постари од постојните, фасадите на некои значајни објекти се сменети, а на самиот плоштад и неговата околина изникнаа голем број монументални споменици. Се чини како да се привремено тука и како да чекаат транспорт на друга локација. Овој проект е еден од најконтроверзните на просторот на бивша Југославија, изведен и во последните години.

Занимавајќи се со уметничка фотографија, Роберт Јанкулоски ја има искористено предноста на овој медиум во смисла на неговата искреност и вистинитост, па низ неговата документарност ја има прикажано сценографијата на скопскиот јавен простор во кој одредени објекти и згради изгледаат како макети, компјутерски вметнати во композицијата, со лажни привремени фасади. Исто така, ги има искористено и манипулативните можности на новите технологии во фотографијата и методот на инсценирање, сместувајќи луѓе (лажни семејства) во туѓ амбиент. Играта на лажното и вистинското, нивното преплетување, вкрстување и преклопување предизвикуваат збунувачка визија за стварноста во која тешко можат да се раздвојат вистинските и веродостојните факти од манипулативните и измислените, како и да се спротивставуваат нивните значења“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 48, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 12-13 септември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот