Фотоизложба: „Џезтетика“ во Домот на младите во Белград

Изложба на фотографии од македонски џез-музичари со наслов „Џезтетика“ од Татјана Ранташа, во организација на здружението „Номад-Арт“, на 24 ноември ќе биде отворена во Домот на младите во Белград.

Изложбата „Џезтетика“ се состои од 35 црно-бели фотографии од различни генерации македонски музичари, на кои фотографката Татјана Ранташа работела во изминатите 15 години. Во Белград ќе бидат изложени фотографии од музичари, како Влатко Стефановски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Џоле Максимовски, Георги Шарески, Кирил Кузманов, Тони Китановски, Гордан Спасовски, Мартин Ѓаконовски, Сашо Поповски, „Сетстат“, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други. На отворањето на изложбата ќе настапи Гоце Стевковски квинтет.

Авторката Татјана Ранташа е фотограф со 15-годишно искуство зад себе, најмногу на полето на сценската фотографија. Во 2005 година почнува професионално да се занимава со фотографија, како официјален фотограф на продукциските куќи „Авалон“ и „Литиум рекордс“. По нив следуваат ангажмани за Универзална сала, „Десонанц фестивал“, Младински културен центар, МОТ, „Синедејс“, „Пиволенд“, „Пасворд продукција“, а последниве години е официјален фотограф на Оф-фест и Скопје џез-фестивал.

Влатко Стефановски

Таа е одговорен уредник и фотограф на независниот интернет-магазин за култура „Плагиј.ат“. Дел од нејзините фотографии може да се најдат во монографијата „30 години Скопје џез-фестивал“ и во книгите со музички интервјуа „Музика и муабети“ и „Уште музика и муабети“ на новинарот Ненад Георгиевски. Редовно учествува и е наградувана на домашни и на меѓународни изложби. Добитник е на прва награда за фотографија на Денови на македонската фотографија и носител на престижната награда „Благоја Дрнков“. Самостојно изложувала на фестивалот БОШ во Гевгелија.

Георги Шарески

– За мене организирањето на изложбата на Татјана Ранташа е можност преку нејзините фотографии да се претстават македонските џез-музичари и џез-култура пред публиката во Белград. Домот на младите е како нашиот МКЦ, односно институција каде што се случувале историски настани од културата. Таа институција е организатор и на Белградскиот џез-фестивал, кој за оваа година е закажан токму кога ќе заврши „Џезтетика“ – истакна Ненад Георгиевски од „Номад-Арт“.

Оливер Јосифовски

Изложбата „Џезтетика“ за првпат беше поставена во 2018 година во Кинотеката на РСМ во рамките на фестивалот „Скопје синема сити“. За претстојната изложба во Белград, организаторот и авторката го проширија изборот со фотографии од настапите на македонските музичари на неодамна завршените фестивали Скопски џез-фестивал и „Today It’s All About Jazz“. Изложбата во Белград е помогната од Министерството за култура на РСМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 57, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 21-22 ноември 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот