ФОТО | Жителите од улицата „Крпен живот“ во Тетово: Идат локални избори, ќе дојдат пак да бараат гласови…

Останува да видиме дали навистина и на следните локални избори претставници на политичките партии ќе дојдат да бараат глас од жителите на оваа улица.

Жителите на тетовските населби Певчина и Два Бреста велат дека ако чекаат на нивната градоначалничка Теута Арифи да им ги потполни дупките низ нивните улици, ќе се изначекаат уште два животи.

Вака низ шега коментираат жителите на улицата Гоце Делчев во Тетово.

Фотографија од нивната улица стана вирална по социјалните мрежи, откако еден од жителите сам си донел асфалт и ги закрпил дупките на патот.

Фото: Приватна архива

Оваа фотографија на социјалните мрежи беше насловена како „Крпен живот“.

Екипата на „Слободен печат“ денеска беше во посета на градот Тетово и посета на популарната улица.

Бидејќи времето денеска беше ладно и магливо, речиси да не забележавме луѓе на улицата, освен двајца-тројца, кои накратко ни споделија за нивната долгогодишна мака.

Фото: Приватна архива

– Што да кажеме бе момче повеќе, гледаш ли каде живееме. Личи ли во 2020 година да имаме ваква улица. Со години молиме во Општина Тетово и секогаш нивниот одговор е дека се планира реконструкција, а најчесто таа реконструкција ја прават пред локалните избори, после тоа живи ги нема – коментира еден од жителите на оваа улица.

Луѓето велат дека си ги искршија автомобилите по улицата, а имало случаи кога повозрасни, па и млади лица се имаат повредено од „кратерите“ на улицата.

– Пред неколку дена еден наш сосед донесе асфалт и со лопати ги полневме дупките. Сега колку-толку е подобро, може да се вози и да се оди, но не е тоа тоа… Овој асфалат ќе го нема до пролет, снегот и водата ќе го однесат. Потоа што ќе правиме, пак ли ние да ги крпиме. Ама ако, следната година доаѓаат локални избори, па нека дојдат да бараат гласови, тогаш ќе им кажеме – ни вели друг жител на оваа улица, сакајќи да остане анонимен.

Фото: Приватна архива

Инаку ако се обратите во Општина Тетово во врска со оваа улица, одогворот ќе биде дека таа е влезена во програмата за санација. Но, овој ист одговор жителите на Два Бреста и Певчина го добиваат веќе со години и пак ништо не се превзема.

Останува да видиме дали навистина и на следните локални избори претставници на политичките партии ќе дојдат да бараат глас од жителите на оваа улица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот