ФOTO: Здравствените системи на Балканот пред колапс поради ковид, недостаток на кревети и лекари и во Македонија

Фото: EPA-EFE/BORIS PEJOVIC

Недостатокот на кревети и доктори, како и масовниот пораст на заразени со коронавирус ги донесе болниците на Балканот на раб на колапс, а хаотичните сцени ги потсетуваат некои од здравствените работници на војните во 90-тите, објави АФП.

Откако речиси година дена коронавирусот беше задржан во некоја мера под контрола, црното сценарио од кое се плашеше Балканот уште од почетокот на пандемијата стана вистинито.

Во тешко погодената Босна и Херцеговина еден доктор за АФП рече дека мора да „жонглира“ меѓу повеќе пациенти чии животи висат на конец.

Тестирање на Ковид-19 во БиХ, земјата е меѓу десетте со најголема смртност во Европа/ Фото: EPA-EFE/FEHIM DEMIR

„Ситуацијата ме потсетува на војна и се плашам дека само ќе се влошува за време на зимата“, рекол докторот кој сакал да остане анонимен. „Можеме да ја вршиме работата за тројца луѓе, но не и за петмина“.

Западниот Балкан, еден од најсиромашните делови на Европа, со недели се бори со експлозијата на коронавирусот. Бројот на мртви двојно се зголеми во изминатиот еден месец и достигна речиси 10.000.

Кризата ги открива дупките во здравствените системи кои се загрозени заради финансирањето и заминувањето на младите доктори и медицински сестри во странство во потрага по подобри плати и образование.

Балканот пред пандемијата имаше најмал број на доктори по глава на жители во Европа, покажуваат податоците на Светската здравствена организација.

Болниците сега се соочуваат со уште помал број на персонал, бидејќи и тие стануваат жртва на респираторната болест.

Во Србија околу 2.000 здравствени работници се присилени да одат во самоизолација, додека во исто време голем број на пациенти ги полнат болничките кревети во Белград.

Фото: EPA-EFE/MARKO DJOKOVIC

„Немам вакво нешто доживеано во својата професионална кариера“, изјави Раде Паниќ, претседател на српскиот синдикат на доктори за Н1.

„Немав соба за пациенти кои медицински ги сметаме меѓу младите. А немав ниту каде да ги испратам“, додаде анестезиологот кој работи во „црвената зона“ во болниците и ги лекува најтешките случаи на ковид-19.

Недостаток на кревети

Северна Македонија, БиХ и Црна Гора се меѓу првите десет европски земји со најголема стапка на смртност по глава на жител.

Но, владите во регионот не сакаа да ги вратат драстичните затворања како на почетокот на пандемијата. Наместо тоа, тие се одлучија за помали ограничувања како порано затворање на рестораните.

Додека Србија се брза да изгради две нови болници, Косово размислува на адаптација на старите хотели во импровизирани оддели, вклучувајќи го и Гранд хотелот во Приштина.

Болниците во Приштина се преполнети, па заради тоа некои пациенти, како 33-годишниот Веприма Морине, не можат да бидат примени.

„Докторот ми рече да ја примам терапијата дома, бидејќи болниците се преполни“, рече фитнес тренерот за АФП.

Морина успеал да „изнајми“ медицинска сестра да се грижи за него дома, што е опција за која се одлучуваат оние кои можат тоа да си го дозволат.

„За добивање болнички кревет сега се потребни „врски“. Мора да имаш среќа да најдеш место“, рекол Морина.

Во Северна Македонија владата бара спас во приватните клиники кои можат да прифатат ковид пациенти, бидејќи сите државни болници се преполнети.

„Обезбедуваме нови кревети, но е се потешко и потешко“, рече министерот за здравство, Венко Филипче минатата недела.

Скопје, окомври 2020 / Фото: Драган Митрески – Слободен печат.

Во болниците надвор од главниот град Скопје, семејството и пријателите на пациентите им носат храна, а понекогаш и лекови, пишува АФП.

„Катастрофа. Неорганизирано. Никој со часови не се јавува на телефон“, рекол маж кој се обидувал да добие информација за својот болен роднина. „Тие (медицинскиот персонал) се борат, даваат се од себе, но едноставно не можат се да направат“.

Бавна реакција

Хрватските доктори исто така предупредија на недостаток на персонал и опрема.

Моментално во Хрватска се хоспитализирани повеќе од 2.200 пациенти, а 3.000 пациенти би го бутнале здравствениот систем во „колапс“, рекле тие, пишува АФП.

Фото: EPA-EFE/ANTONIO BAT

Експертите велат дека политичарите се обидуваат да одржат баланс меѓу контролирање на вирусот и заштита на економијата.

„Пресиромашни сме за сите мерки два пати да се повторат“, рекол за АФП хрватскиот економист Љубо Јурчиќ.

Во БиХ продавниците, рестораните и теретаните остануваат отворени, додека Србија го намали работното време на компаниите.

Иако напредокот во развојот на вакцината им дава надеж на докторите, тие се плашат од хаосот кој во меѓувреме би можел да избие.

„Не разбирам зошто властите не воведат построги мерки“, рекла Јасмина Смајиќ, докторка од Тузла. „Нешто мора да се преземе ако сакаме да спречиме катастрофални последици.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот