ФОТО+ВИДЕО | За пратениците само „Спутник“, Трајанов реагира дека се дискриминирани: Не може од Фејбук да се гради политика!

Фото: Слободен печат/ Ристо Пејовски

Пратеникот и лидер на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов реагираше дека пратениците се целосно дискриминирани бидејќи министерот за здравство Венко Филипче не им оставил право на избор, што важи за останатите граѓани и остро негодуваше што тој и неговите колеги морале да се вакцинираат само со руската „Спутник Ве“.

-Пратениците се насочени да се вакцинираат со Спутник. Можеме да почекаме и да одложиме, но за да профункционира парламентот мора да бидеме вакцинирани, еве сите се наредивме во редот и се вакциниравме. Не може од Фејсбук да се гради политика. Ако некој напише дека пратениците се привилегирани и ќе се вакцинираат со „Фајзер“ и сега менува министерот на Спутник. Тоа е крајно катастрофална и неодговорна ситуација. Едно беше најавата, сосема друго излезе во пракса, реагираше Трајанов откако ја прими вакцината.

Фото: Слободен печат/ Ристо Пејовски

Трајанов рече дека тоа е став и на другите пратеници но не смеат да го искажат откако ја примија.

-Сите се практично вознемирени бидејќи испадна класична замена, да не кажам превара, нагласува Трајанов кој е скептичен дека со доцнењето и со ваквото темпо на вакцинација ефектите ќе бидат минимални за стекнување на колективен имунитет.

Претседателот на парламентот Талат Џафери кој подоцна ќе ја прими вакцината очекува со завршувањето на процесот на вакцинација на пратениците и претходно започнатата имунизација на вработените во собраниските служби, да се нормализира работата на Собранието веќе од втората половина на мај и тоа да се врати во служба на граѓаните.

-Моја обврска беше да доставам список со  потребни податоци на сите пратеници и службеници, а негодувањата, тоа е нивно право. Секој има право да негодува и да се одлучи дали ќе прими или не вакцина и не можам да се мешам во таа одлука, рече Џафери.

Фото: Слободен печат/ Ристо Пејовски

Утрово во редот за вакцинирање застанаат пратениците од СДСМ. Координаторот Јован Митрески рече дека се задоволни од целата организација на процесот, неговите колеги кои го прележале вирусот дошле да се консултираат со лекарските тимови дали сега да ја примат вакцината или подоцна. И тој очекува Собранието да се врати во норамалниот тек и да се одблокира неговата работа.

-Покана добивме сите пратеници и пратенички групи во одредено време да се појавиме на вакцинирање. Процесот се одвива одлично. Вакцината се надевам ќе помогне и во процесот заедно да излеземе од кризата којашто се случува во собранието со единствена цел да работиме во интерес на граѓаните и оние кои не избраа, рече Митрески.

Лидерот на БЕСА Биљал Касами заедно со колегите пратеници, ја прими вакцината и упати апел до граѓаните да го прифатат вакцинирањето и да се придонесе кон стекнување на колективен имунитет.

-Вакцината е безбедна и сите небулози кои се појавија во јавноста се невистинити и ги молиме сите да се пријават за вакцина особено ризичните групи и како пратеници ќе бараме од владата и надлежните институции да се забрза процесот на масовна вакцинација на сите граѓани, рече Касами.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, барем оние кои пројавија интерес според списокот на Талат Џафери ќе се вакцинираат во попладневните часови во Арената Борис Трајковски.

Таму денеска продолжи вакцинацијата на граѓаните, кои можеа да се вакцинираат со неодамна пристигнатите 10.000 дози од Фајзер/Бионтек, со преостанатите руски и кинески вакцини.

Според министерот Венко Филипче се очекуваат нови дози од Фајзер, околу 26.000, а масовна вакцинација на населението ќе се постигне со пристигнувањето на кинеските 200.000 од Синофарм кои според најавите треба да пристигнат на 28 април.

– Вакцинацијата со таа вакцина ќе почне во вторник непосредно по завршување на велигденските празници. Дотогаш сите спортски и училишни сали во сите шест градови ќе бидат подготвени. Салата во Охрид е веќе подготвена. До понеделник односно вторник и сите останати во останатите градови во Штип, во Куманово, во Битола, во Тетово и во Кавадарци ќе бидат спремни и опремени и со потребните фрижидери и опрема и со кадар од соодветните здравствени домови за да вакцинацијата започне согласно распоредот, истакна Филипче.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот