ФОТО: За митингот на Вучиќ поддршка доаѓа и од Македонија, на граничниот премин утрово забележана колона автобуси

Здружението „Мир, слога, стабилност“ организира превоз на владиниот митинг во Белград / Фото: Здружение „Мир, слога, стабилност“

Околу седум часот утрово на граничниот премин „Табановце“ се забележани цели колони од автобуси кои најверојатно се упатиле кон Белград, по повод митингот што денеска го организира владејачката партија Српската напредна партија. Како што пишува порталот Нова.рс, на денешниот митинг се очекува да пристигнат околу 2.200 автобуси во Белград.

Здружението „Мир, слога, стабилност“ во Скопје, кое се наоѓа во станбената зграда на улица „Бихаќка“ во Пржино, во која порано живееше Никола Груевски, во соопштение ги информира сите заинтересирани кои сакаат да го поддржат „човекот кој животот и го посвети на Србија“ да се јават на телефонскиот број на здружението и да го резервираат своето место, а ќе добијат и вода и сендвич.

„Да го поддржиме човекот кој животот и го посвети на Србија! Одважи се на повикот на Претседателот Вучиќ и дојди со нас во Белград! Организираме превоз до Белград на 26 мај (петок) на најголемиот собир досега одржан во Србија, а сите заинтересирани нека се јават на телефонскиот број на здружението и да го резервираат своето место“, се вели во соопштението на здружението.

Претседателот на здружението Димитрије Недиќ за српрската телевизијата Н1 изјави дека има заинтересирано членство кое е подготвено да замине во Белград, но досега немало организација.

„Превозот е бесплатен, обезбедена е вода и сендвичи. Митингот е закажан во 18 часот, немаме точни информации колку ќе трае. По митингот ќе одиме до дестинацијата за паркирање на автобусот и ќе се вратиме“, одговорија оттаму.

Бесплатен превоз се организира и од Куманово, но и други градови во Северна Македонија.

Мирослав Тричковиќ, советник во Општина Куманово изјави дека на лична иницијатива организира превоз до Белград.

-Ова е моја лична иницијатива, која ја почнав бидејќи во Куманово има многу српски граѓани кои гласаат. Покрај изборното место во Скопје, тука претседателот Вучиќ доби најголема доверба од граѓаните, повеќе од 90 проценти, изјави Тричковиќ.

По трагедиите што се случија во Србија на почетокот на месец мај, во училиштето „Владислав Рибникар“, каде починаа девет деца и чуварот, а повредени се седум деца и масакрот во Младеновац, во кој починаа осум, а ранети беа 14 лица, граѓаните во Србија се кренаа на нозе и организираа протести против насилство на кои упатија низа критики до власта за промовирање на насилство во јавниот простор и медиумите.

Секој од трите протести беше се помасовен од претходниот. На вториот протест биле приустни околу 50.000 луѓе, а на третиот и до 100.000 луѓе. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и провладните медиуми ја негираа оваа информација и тврдат дека на протестот биле присутни околу 10.000 луѓе.

Па така, српската власт се одлучи денеска под мотото „Србија на надежта“ да го организира „најголемиот митинг во историјата на Србија“. Се проценува дека во Белград ќе пристигнат вкупно 3.572 автобуси и 169.000 луѓе, според информација која се појави на Твитер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот