ФОТО | Војна со „милите ѕверки“: Хонг Конг тргна во лов на диви свињи

Дивите свињи им се при срце на жителите на Хонг Конг, но сега ја преминале границата на толерантност/Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

Жителите на мегаградот со години привикнале да го делат асфалтот и бетонот со дивите свињи што се спуштаат од околината, се воздржуваат да не ги гонат, па дури и им оставаат храна, но ѕверките станаа поагресивни

Седум вепри се „хумано евтаназирани“ на улиците низ Хонг Конг во организиран лов откако диви свињи агресивно упаѓале во урбаните средини околу финансискиот кварт. Ловот бил итно организиран откако пред една недела дива свиња се нафрлила на полицаец и го гризнала.

Жителите на мегаградот со години привикнале да го делат асфалтот и бетонот со дивите свињи што се спуштаат од околината, се воздржуваат да не ги гонат, па дури и им оставаат храна. Во надворешните квартови, оддалечени половина час возење од финансискиот центар, речиси секојдневно може да се забележат диви свињи и прасиња меѓу зградите и околу контејнерите за ѓубре, душкаат луѓе со торби, се спуштаат во метрото, па дури и бркаат автомобили, како улични кучиња. Толку многу се прилагодиле, што уредно чекаат на семафор да се запали зелен сигнал за да преминат.

Ги има по улиците, сѐ до финансискиот центар на градот/Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

Но, властите утврдиле дека свињите „го преминале прагот на толерантност“ и им објавија еднодневна војна на натрапниците.

– Припадници на Ветеринарски служби, вооружени со пушки со приспивни стрелки, успеаја да заробат седум диви свињи, кои потоа беа хумано усмртени со смртоносна инјекција – соопшти Одделението за земјоделство, рибарство и резервати.

Во урбаниот дел на Хонг Конг сега има близу 3.000 диви свињи/Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

Низ Хонг Конг имало повеќе од 30 напади од диви свињи во изминатите неколку години. Пред една недела вепар турнал полицаец и го гризнал за ногата, а потоа бегајќи паднал од катна гаража и угинал. По тој инцидент администраторката Кери Лам најави дека ќе ги зголеми казните за луѓето што ги хранат дивите свињи, привлекувајќи ги во градот.

Ги привлекува мирисот од скарите на излетничките места /Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

Властите во Хонг Конг вообичаено се воздржуваат од лов, како екстремна мерка. Стандардните протоколи се слични како оние за уличните кучиња во европските градови – специјални служби ги заробуваат свињите, ги стерилизираат и ги оставаат во ненаселени места. Дивите свињи, пак, кои во Хонг Конг не се заштитени ѕверки, упорно се спуштаат во градот, особено откако движењето на луѓето беше строго ограничено поради пандемијата на ковид-19. Според новите проценки, само во урбаната средина ги има околу 3.000. Светот лани го обиколи фотографијата на семејство диви свињи како се брчка во фонтана меѓу облакодерите во финансискиот центар.

Жителите не ги бркаат свињите и им оставаат храна/Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

Групите за права на животните остро го осудија ловот на седумте диви свињи.

Во изминатите неколку години имало десетици инциденти со диви свињи во Хонг Конг/Фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE ATTENTION: This Image is part of a PHOTO SET

– Проблемот го направи владата, која не успеа да издвои доволно средства за да го решиме проблемот со животните. Сега свињите ја платија цената – вели Рони Вонг од Центарот за грижа за дивите свињи.

Администраторката Лам одговори дека лично знае колку дивите свињи им се при срце на жителите, но и дека нејзина обврска е да се грижи за безбедноста на граѓаните.

Ѕверките се научиле уредно да чекаат на црвен сигнал и гонат автомобили – Фотографија ЕПА, Жером Фавр

– Како одговорни власти, моравме да преземеме акција – изјави Лам.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот