ФОТО: Водици одбележан со Златоустова литургија во храмот Пресвета Богородица во Центар

Утрово пред мал број верници кои ги почитуваа мерките, носење заштитни маски и држење дистанца, Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан по повод Богојавление – Водици богослужеше Златоустова литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица” – Центар. 

Фото: Слободен печат/ Елизабета Д. Спасеновска

Годинава за првпат, поради пандемијата со Ковид-19, е прекината вековната традиција на положување на крстот во светите води. Наместо тоа, овој голем христијански празник, беше одбележан со свети литургии во црквите и нивните дворови.

Фото: Слободен печат/Елизабета Д. Спасеноска

Меѓу нас, истакна г.г. Стефан, многу слабо или воопшто не се практикува покајанието или исповетта, а во светата црква тоа е една од седумте свети таинства, но при покајанието, при исповетта не е доволно да кажеме дека сме грешеле, дека грешиме и дека се каеме. Потребно е, вели, гревот да не го повторуваме, и да се трудиме што помалку да грешиме. Но очигледно е недоволното познавање на верата.

-Ако знаеме што учи нашата света вера и помалку ќе грешиме, а ако грешиме ќе знаеме и да се покаеме. Еве од каде и да тргнеме, од семејството, од соседството, од работно место, од меѓупартиското живеење од секаде и насекаде се гледа што е поголемо во нас – љубовта или омразата, верата или неверието, слогата или неслогата, вистината или невистината, подготвеноста или неподготвеноста да си простиме и да се помириме или не. Дури и на непријатели и на подалечни ќе им простиме и ќе им подадеме рака, што е и добро, но на блискиот, на братот свој не можеме да му простиме. Е тука навистина има место за загриженост и, секако, потреба да се сфати и местото и улогата на покајанието, а со тоа и на исповетта кои се неодвоиви од практиката на вистинскиот христијански живот. Како црква и духовни пастири должни сме постојано да повикуваме кон покајание, кон исповед и кон помирување, зашто кој не може да се помири најпрвин со себе си и со братот свој, како ќе се помири со Бога, рече поглаварот г.г. Стефан, кој по завршувањето на литургијата го изврши осветувањето на водата во црквата.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Фото: Слободен печат/ Елизабета Д. Спасеновска
Фото: Слободен печат/ Елизабета Д. Спасеновска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот