ФОТО: Во Визбегово попис на бездомниците, преку онлајн апликацијата попишани 18.000 граѓани
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски денеска го посетија Прифатниот центар за поддржано живеење за бездомни семејства во Визбегово каде се сместени 105 бездомни лица.
-Преку податоците добиени со пописот ќе добиеме информации како понатаму да постапуваме во однос на изградба на детски градинки, домови за стари лица, а исто така ќе се знае и колку невработени има во државата па според тоа ќе ја креираме понудата за вработување, рече министерката Шахпаска.
-До денеска има 18.000 пријавени и попишани на онлајн апликацијата. Лажните пријавувања не влегуваат во базата на податоци. Не пробувајте да ја хакирате базата бидејќи и вие ќе подлежите на санкции. Ги имаме сите критериуми за заштита, рече директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски.
Според министерката Шахпаска усвоен е оперативниот план за владини мерки кој се темели на три принципи.
-Предност да имаат тие што останале без работа поради ковид. Диверзитет и инклузивност на тие кои долго време биле отсутни од пазарот на труд. Субвенционирање на плати ќе има врз основа на критериуми и обврски. Регионите кои се послабо развиени ќе добијат најмногу средства. 25 милиони евра ќе бидат на располагање со овој оперативен план. Нема да се прави предност врз основ на етничка припадност, рече Шахпаска.