ФОТО: Во вакво издание не сте ја виделе Атиџе

Атиџе, хероината од Бекирлија, за која Македонија и светот дознаа од документарниот филм „Медена земја“, денеска повторно беше во фокусот на вниманието. За неа се организираше распродажба на храна и предмети, а средствата ќе бидат наменети за средување на куќата што ја доби од екипата на филмот.

Атиџе се фотографира со еден од купувачите на хуманитарната акција/ Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

Се сретнавме со неа, и од краткиот разговор дознавме дека и покрај славата што ја стекна, се уште живее многу скромно, во тешки услови, а нема можност да се пресели во новата куќа.

-Куќата не е баш нова, стара е, во село тешко е да се најде нова куќа. Јас им викав да не брзаат, да најдеме некоја поубава, ама не ме послушаа. Куќата беше 8.500 евра, ама требаат уште пари за да се досреди, за да можам да живеам во неа. Треба да се направи подот и фасадата. Кровот го направи општина Свети Николе, рече Атиџе.

Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

Средена и дотерана, Атиџе се фотографираше со присутните, речиси и да немаше некој кој не направи селфи со славната пчеларка, со скромно срце.

-Јас не барам многу, од филмот не добив пари воопшто, како што си живеев порано, така и сега. Пак сум сама, со пчелите, ама среќа е што сега ме познаваат и ме посетуваат многу луѓе. Имам и нови пријателства. Со Сузана Турунџиева ќе снимаме песни, па ако се отворат границите, ќе патуваме и во странство, беше оптимист добродушната Атиџе.

Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

Славната пчеларка кажа дека појавувањето во хуманитарната емисија било погрешно протолкувано, по што добила и неколку вербални напади.

-Откако се појавив на телевизија и кажав дека од „Медена земја“ не ми дадоа пари, поради што побарав помош од луѓето, некои ми помогнаа, ми се јавуваа, ама имаше и такви што ме навредуваа, што ми викаа дека ми е доволно што ми купиле куќа и да не барам друго. Но, јас три години бев со екипата, а за возврат добив многу малку, додава Атиџе.

Фото: Слободен печат/ Драган Митревски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот