ФОТО | Вистински есенски рецепт: Стефанија Несторовска ни направи леб со банана и цимет

Младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот snestorovskaa и блогот snestorovska.com, денеска приготви банана-цимет есенски леб, за уживање во сезоната на постудени денови.

Состојки:

  • 2 средни банани (испасирани да бидат во количина од 1 шолја)

  • 2 јајца

  • 72 гр (1/3 шолја) кокосово масло, стопено

  • 105 гр (1/3 шолја) јаворов сируп (или друг течен засладувач)

  • 60 гр (1/4 шолја) млеко од бадеми (или млеко по желба)

  • 225 гр (2+1/4 шолја) овесно брашно (овес сомелен во блендер)

  • 1 лажичка цимет

  • 2 лажички прашок за пециво

За цимет филинг (по желба, ама препорачливо):

  • (1/4 шолја) пире од јаболка

  • (1/4 шолја) кокосов шеќер (или кафеав шеќер)

  • 1 лажичка цимет

Начин на подготовка:

Се загрева рерната на 170º и се поставува хартија за печење на тава за печење леб.

Во голем длабок сад се додаваат пасираните банани, јајцата, кокосовото масло, јаворовиот сируп и млекото. Убаво се промешува, за да се изедначат и соединат состојките.

Во помал, длабок сад се додаваат сите останати состојки (овесно брашно, прашок за пециво, цимет) и се промешува. Оваа смеса се додава на течната смеса во големиот сад и се меша сѐ додека убаво се соедини и сите состојки се соединети, со што е можно помалку грутки. Смесата треба да биде густичка.

Во мал, длабок сад се додаваат сите состојки за цимет филингот. Се промешува за да се соединат. Се трга садот на страна.

Во тавата за печење леб се додава половина од подготвената смеса за банана леб. Не мора да биде точно половина, не е толку важно, така од око. Се израмнува со лажица или шпатула. 

Со лажица се додава од цимет филингот на банана лебот на одредени места, а потоа со нож се разнесува и се прават кружни движења. Не мора да биде перфектно, она што го бараме е оној мермерен ефект“.

Се додава остатокот од банана лебот врз цимет филингот, а потоа се додава и остатокот од цимет филингот на истиот начин. 

Се пече 50 минути, односно додека не добие златеникаста боја и кога со нож или чепкалка ќе се боцне и ќе излезе чисто без остаток од смесата.

Се остава да се олади малку пред да се исече.

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

ЗАБЕЛЕШКИ И СОВЕТИ:

Цимет филингот не е неопходен, може да го направите лебот и без него и ќе биде подеднакво вкусен, меѓутоа топла препорака е да го пробате и на овој начин. Превкусно е.

Млекото од бадеми може да се замени со какво било млеко по желба.

Кокосовиот шеќер може да се замени со кафеав шеќер. Исто така може да се замени и со течен засладувач како мед, агаве, јаворов сируп и слично, со тоа што нема да го има оној зрнест шмек.

За да го направите посно, веганско, може да користите јајце од ленено семе. 2 лажици мелено ленено семе + 5 лажици вода. Се мешаат во мал сад и се остава десетина минути да се направи како гел. Се користи во лебот по истата постапка. 

Фото: Стефанија Несторовска/Приватна архива

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот