ФОТО+ВИДЕО: На улицата Орце Николов од утрово се сечат дрва, граѓаните тврдат здрави, а не суви и болни

Жестоки реакции и незадоволство кај граѓаните предизвика денешното сечење  дрва на улицата Орце Николов, која во моментов се реконструира. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ информира дека екипи на ЈП „Паркови и зеленило“,отстрануваат 13 дрва на оваа улицата, на потегот од крстосницата со улица Ленинова до крстосницата со улица Рузвелтова.

„Дрвата кои се отстрануваат се стари и болни, со трули стебла, чии гранки удираат во станбените објекти кои се наоѓаат на улицата и претставуваат опасност за минувачите “– соопшти Богдановиќ и вети дека отстранетите дрва наскоро ќе бидат заменети со нови, висококвалитетни јавори, кои од наесен дополнително ќе го красат новиот лик на улицата Орце Николов.

Граѓаните негодуваат дека со сечењето на дрвјата се уништува една од најубавите улици во градот, споделуваат слики од дрвјата кои се сечат тврдејќи дека не станува збор за болни и стари дрвја и го потсетуваа градоначалникот на неговото ветување дека при реконструкцијата на улицата Орце Николов нема да се исече ниедно дрво.

„Едно дрво сликано скапано, без фитопатолошки „папири“, џабе зборите. Сведоци сме дека се сече и што треба, и што не…А ветивте дека нема дрво да се исече при реконструкцијата…жално“ – се вели во еден од коментарите под објавата на Богдановиќ.

Во преписката меѓу граѓаните и Богдановиќ, градоначалникот сподели слики од исушени исечени стебла, но граѓаните тврдат дека тоа се фотографии само од  едно дрво и како контрааргумент објавуваат мноштво слики од различни зелени и навидум здрави дрвја кои од утринава беа исечени.

„Која е реалната причина која според вас има поголемо значење отколку сите бенефити од овие многугодишни дрвја? Сечење на овие дрва, на ваков начин укажува на неколку работи – немате долгорочен план на одржливост ниту знаење или свест за значењето воопшто на концептот на одржлив град, вашиот пример кој со ова го поставувате е дел од севкупниот градски еко систем. Која порака ја праќате? Кон што целите реално, која ви е визијата? Вон контекст сте на опркужувањето, и добробитта на живеењето во целина, не само на граѓаните во општината“ – револтирано коментира Билјана од Скопје.

Граѓаните повторно прашаа има ли служби кои ја следат состојбата на дрвјата и како се одредува кои дрвја треба да се сечат.

Ова е прашањето што многупати им е упатувано на локалните власти, не само во случајов на Општина Центар, затоа што низ градот на многу локации има дрвја кои се исушени или дел од гранките им се исушени, но тие и понатаму со години стојат. Обично, староста и пропаѓањето на дрвјата надлежните ја „откриваат“ кога се вршат реконструкции или проширувања на улици.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот