ФОТО+ВИДЕО: Амбасадорот Гир на прошетка низ Старата скопска чаршија

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир денес ја виде Старата скопска чаршија, посочи дека чаршијата претставува живо сведоштво за долгите традиции на мултикултурализам, соживот, како и разновидност и токму поради тоа многу е погодно што токму чаршијата е домаќин на Европската улица од денеска.

Во Старата скопска чаршија денеска беше извршена промоција на потпроектот „Чаршиски туризам во општина Чаир“, кој се реализираше во рамките на „Проектот за локална и регионална конкурентност“, во заедничка соработка на Владата на Република Северна Македонија, Делегацијата на Европската Унија и општина Чаир, со поддршка на канцеларијата на Светска Банка во Скопје.

Заменикот на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, министеротза економија Крешник Бектеши, амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир и директорот на Управата за заштита на културно наследство Ацо Костов, придружувани од градоначалникот на Чаир Висар Ганиу, имаа прилика да направат обиколка низ чаршијата и да направат увид на направените зафати со кои се зачувува автентичноста на чаршијата, а се подобруваат инфраструктурните услови и за туристите кои ја посетуваат и за занаетчиите кои работат во чаршијата.

Фото: Влада

Зборувајќи на промоцијата на проектот, вицепремиерот за економски прашања истакна дека Старата скопска чаршија е уникатно место, кое дава особен шарм на градот, категоризирана е како туристичо место од врвна категорија, согласно критериумите за атрактивност за туристичка посетеност, а со своето културно, историско и духовно наследство, кое датира уште од 12-ти век, претставува голем развоен туристички потенцијал за општина Чаир и за градот Скопје.

„Со денешниот настан, сакаме дополнително да придонесеме на промоцијата на чаршијата и уште еднаш, овој пат во ново руво, да ја претставиме на сите наши граѓани, но и на граѓаните од соседните земји, на сите туристи и да ги повикаме кога се во Скопје да ја посетат и да се уверат во нејзината уникатност. Старата Скопска Чаршија има голем стопански и културен потенцијал и ако сакаме да ја направиме место каде што ќе се разменуваат идеи и стоки на луѓето во регионот, тогаш сме должни да создадеме услови и да го заштитиме нејзиното културното богатство. Тоа значи  зачувување на стариот и автентичен изглед преку одржување на соодветните материјали како што се каменот травертин и дрвото како карактеристика на чаршијата. Истовремено, создадовме подобри услови за занаетчиите и посебно за туристите, бидејќи сакаме ова туристичко место да се посетува како споменик на нашето културно наследство, препознатливо во државата и на Балканот- потенцираше Битиќи.

Вицепремиерот нагласи дека овој период на криза, предизвикана од Ковид 19, може да се гледа и како можност да се реализират проекти кои ќе постават цврста база за брзо опоравување на економијата по завршување на кризата, а проектот кој беше промовиран е еден од таквите проекти, со кои се создаваат услови за развој на туризмот и занаетчиството во Скопје.

Фото: Влада

Министерот за економија Крешник Бектеши информираше дека Министерството за економија во изминатите неколку години во континуитет работеше на реализација на проекти за обновување на излозите на Чаршиите низ целата држава.

-Минатата година во соработка со Општина Чаир од страна на Министерство за економија беа обезбедени дополнителни средства за унифицирање на витрините за Старата скопска чаршија. Тоа е важно бидејќи на тој начин покажуваме дека и државата инвестира во вакви обкекти- кажа министерот Бектеши и потенцираше дека токму вакви проекти придонесуваат за зголемување на бројот на странски туристи кој беше рекорден во изминатите години, и кој според анализите оваа година ќе беше уште поголем да не беше пандемијата. 

-Затоа сега е важно да инвестираме во вакви проекти како што е обновивање на излозите на Старата скопска чаршија кои што ќе привлечат нови туристи“, кажа Бектеши.

Амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир посочи дека чаршијата претставува живо сведоштво за долгите традиции на мултикултурализам, соживот, како и разновидност и токму поради тоа многу е погодно што токму чаршијата е домаќин на Европската улица од денеска.

-Магазинот „Lonely Planet“ ја има наведено Северна Македонија помеѓу 10-те топ земји коишто треба да се посетат во текот на 2020. Додека пандемијата со Ковид 19 ги натера повеќето луѓе да ги одложат своите планови за патување, Скопје и земјата сепак треба да ја искористат оваа можност и да се спремат за враќање на посетителите. Овој проект е само мал придонес во постигнување на таа цел. Истовреме, во потрага по развој на туристичкиот потенцијал во Северна Македонија навистина е од огромна важност, да се обезбеди почит за природното и културното наследство на самата земја и сите овие размислувања, служат како информација за 50-тина или слични проекти кои се поддржани од страна на Европската Унија преку нејзината програма за локална и регионална конкурентност ширум земјата- кажа Гир. 

Директорот на управата за заштита на културно наследство Ацо Костов зборувајќи од стручен аспект, истакна дека проектот за разубавување на чаршијата се спроведе максимално коректно и квалитетно, за зачувување на автентичноста на чаршијата и додаде дека Управата и понатаму, за секој нареден проект, доколку е потребно ќе постапи навремено и ќе стави забрана за реализација на проекти кои би биле недоволно квалитетни или би ја нарушувале оригиналноста на Чаршијата.

Градоначалникот на општина Чаир, Висар Ганиу, кој беше и домаќин на целиот настан посочи дека реализираниот проект придонесува во социо-економскиот развој, зголемување на активноста на работниците и туризмот во Старата Скопска Чаршија. Главните активности кои ги има опфатено проектот се реставрација на калдрмата на улица Битпазарска, со површина од околу 1200 метри квадратни, зачувување и замена на фронталните излози на 39 дуќани, изработка на апликација за дигитална промоција на туризмот во Старата Скопска  Чаршија, како и инсталација на туристичка патна сигнализација.

-Фасадите и голем дел од калдрмата беа застарени, а излозите заменети со друг материјал, со кој се уништуваше и деградираше автентичната структура на самата Чаршија. Преку овој проект ние се потрудивме да ги обновиме без да уништиме ниту една точка од тоа што Старата чаршија рефлектира од наследствен, културен и туристички аспект, бидејќи само целосно, со овие мерки таа ја чува вредноста и наследното богатство- рече градоначалникот Ганиу во своето обраќање пред присутните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот