ФОТО | Весела свадба на водителката Јелена Богојевиќ: Со Срѓан се венчавме пред синот Немања

Јелена со сопругот Срѓан/Фото: Приватна архива

По една година откако стапи во брак со Срѓан Спасиќ, водителката Јелена Богојевиќ, сега Спасиќ, пред неколку денови направи свадба со својот сакан, со нивниот син Немања како главен гостин.

Јелена на јавноста ѝ е позната како лик од популарните „Фчерашни новости“, а потоа и како дел од емисијата „Магазин“ на ТВ „Сител“.

Јелена со сопругот Срѓан и со синот Немања на свадбата/Фото: Приватна архива

– Ние веќе една година сме во брак, но сега решивме да одбележиме со журка бидејќи веќе ги нема како порано рестрикциите и ковид-мерките. Свадбата помина уште подобро од планираното, многу весело како што велат и гостите. Беа присутни нашите родители како и одбрано друштво од претежно млади и најблиски луѓе. Преку ден венчавката се одржа во храмот „Свети Архангел Михаил“ во Автокоманда каде што беше присутен и Немања, а вечерта ја поминавме во вила „Деј оф“. Немања го чуваа роднини затоа што порано си легнува, има ред на спиење За музиката и веселата атмосфера се погрижи искусниот музичар Даниел Сидовски, кој имаше широка палета хитови и е вистински шоумен, заедно со неговиот колега и пријател Виктор Ристовски – раскажа шармантната водителка за „Слободен печат“.

Елена вели дека овој ден ќе го памети засекогаш и има неколку посебни моменти што ќе ѝ останат врежани во срцето.

– Целиот ден ќе го паметам засекогаш, незаборавно чувство ми беше чинот во црквата со круните, прстените, врзаниот материјал на рацете, многу бевме возбудени додека се одвиваше тој дел, а од вечерта незаборавен момент ќе ми биде првиот танц со Срѓан додека се гледавме со солзи радосници, фрлањето на бидермаерот, сечењето на тортата, кога пеевме на микрофон, а и песните со наслов „Јелена“ кои ми ги посветија во текот на вечерта – вели Јелена.

Јелена со сопругот Срѓан/Фото: Приватна архива

Како млада мајка, таа со љубов раскажува и за синот Немања за кој посветено се грижат со Срѓан.

– Немања наполни 10 месеци. Со Срѓан брзо се навикнавме околу новата одговорност како родители, го чуваме заедно и си помагаме за што било. Од почетокот сакавме да бидеме самостојни и токму ние да ја искусиме секоја обврска или фаза со сите предизвици кои ги носи. Кога ни е потребно, тука се и нашите родители што ни стојат на располагање и се пресреќни кога поминуваат време со внучето – ни раскажа водителката. Со радост, таа наскоро ќе му се врати на ТВ-ангажманот.

– Се враќам на ТВ-екраните, веќе сме во подготовки во телевизија „Сител“, продолжувам всушност каде што застанав и не се ни чувствува таа пауза кога ќе се видиш со познатите колеги и околината која те поддржувала и додека си бил отсутен – низ насмевка раскажува Јелена и вели дека откако станала мајка, животот ѝ се променил на подобро.

Јелена со сопругот Срѓан/Фото: Приватна архива

– Животот ми се промени секако на подобро бидејќи семејството ни е побогато за еден член, тоа е голем дар и благослов за кој сме многу благодарни. И претходно бев емотивна, емпатична, но сега сето тоа е понагласено кога станува збор за мајчинството и сум повеќе заштитнички настроена од порано. Инаку и понатаму сум истата Јелена со ведар и младешки дух, шетаме, се дружиме со пријателите и таа енергија му ја пренесуваме и на Немања – вели Јелена.

За крај на нашиот разговор, се навраќаме на „Фчерашни ноовости“, проектот по кој таа се прослави, а за жал, веќе не се емитува.

– „Фчерашни новости“ беше уникатен проект, кој ми остана во убаво сеќавање, но немаше никакви најави или очекувања за негово продолжување. Едноставно, се пронајдовме во нови ангажмани, секое време си носи поинакви потреби и интереси – вели Јелена, која наскоро повторно ќе ја гледаме на ТВ „Сител“.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот