ФОТО: Трипуновски презентираше документи за млад кромид и пиперка со пестициди пуштени во промет

Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Цветан Трипуновски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција презентираше докази, кои покажуваат дека е направена анализа на зеленчук пристигнат во земјава, а имаат присуство на пестициди. Трипуновски вели дека зеленкчукот веќе се наоѓа на дел од пазарите ширум земјата.

Тој додаде дека се работи за млад кромид и пиперка.

-Првите два извештаи направени во ДФЛ потврдуваат дека во анализите на млад кромид е детектиран недозволиво присуство на пестициди и овие два извештаи се архивирани под арховски број 10802-295/2 и 10802-296/2 од 22/05/2023 година. Третиот и четвртиот извештај исто така издаден од ДФЛ се однесува на анализа направена на пиперка во која исто така е откриено недозволиво количество на остатоци од пестициди и овие два извештаи во интерес на вистината се со печат на министерството и архивирани под архивски број 10802-373/2 од 17/05/2023 и 10802-493/2 од 26/05/2023 година, вели Трипуновски.

Документи – млад кромид и пиперка со пестициди се пуштени во промет, Фото: ВМРО-ДПМНЕ

Прашува чиј е интересот во промет да се пушта небезбедна и отровна храна.

-Овие четири документа кои што се пред мене се јасен доказ дека во промет е пуштен зеленчук кој е крајно небезбеден и отровен. И наместо веднаш да се реагира, ААгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) праќа паушални соопштенија и се обидува да ја замајува јавноста, додава тој.

Им порача на АХВ и МЗШВ наместо демант, веднаш да реагираат и Бабовски и Николовски да си поднесат неотповикливи оставки.

-За ова во демократските земји паѓаат цели влади. Воедно уште еднаш апелирам ЈО да не глуми ненадлежно и веднаш да реагира по допрен глас, истакна Трипуновски.

АХВ вчера го демантираше Трипуновски и од Агенцијата му порачаа дека документите се потврда оти државата си ја врши работата, односно дека се спроведуваат контроли.

-Документите кои ги презентираше Трипуновски не се тајна, напротив, тие се само уште една потврда дека државата си ја врши работата, односно дека контролите се спроведуваат. Како и досега, се додека со лабораториски наод не се потврди безбедноста, пратките со храна, вклучително и со зеленчук, се ставаат под официјален надзор. Не смее и не се пуштаат во промет пред да се добие задоволителен резултат за нив. Во случај на добивање на незадоволителен резултат пратката се поништува, или се наредува враќање во земјата на потекло, стои во соопштението од АХВ.

Пратките на домати кои се увезуваат од Албанија, како што се наведува, се под засилен надзор и за секоја се врши лабораториско испитување.

– За како што вели Трипуновски сомнителните пратки со зеленчук со пестициди, впрочем и самиот тој изразува само сомнеж, но не и тврдење, велејќи дека зеленчукот можел да заврши на пазарите во земјава. Го повикуваме, доколку вистински располага со докази за сторен криминал за кој повикува на одговорност и бара оставки, да ги приложи до надлежните институции, а не преку прес-конференции да ја заплашува јавноста дека државата ги труе граѓаните со небезбедна храна, се вели во соопштението.

Во однос на резултатот од лабораториско тестирање спроведено на Факултетот за ветеринарна медицина, како што се наведува, во објава на социјалните мрежи, мостра од домат по потекло од Република Албанија, кај која е утврдено зголемено присуство на пестициди, за АХВ се работи за мостри на домати кои не се официјално земени од надлежните инспекциски органи, туку од физичко лице и доставени во Факултетот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот