ФОТО | Стефанија приготви необичен рецепт со „обични“ намирници: Уживајте во уникатниот вкус!

За да функционира човечкото тело потребна му е храна која ќе му дава енергија. Меѓутоа, многу луѓе претпочитаат храна на многу повисоко ниво од биолошките услови. Вистинските волшебници со храната можат да создадат експлозија на вкусови, што ќе го доведе нашето тело и дух до блаженство.

Младата инвентивна Стефанија Несторовска, која стои зад инстаграм-профилот и блогот snestorovska.com, споделува неверојатни рецепти, докажувајќи дека можеме да се храниме добро и здраво, а воедно и да уживаме во разноликиот вкус на секој оброк. Нејзините рецепти се инспирација за многумина кои со задоволство ги приготвуваат – од ултра здрави салати па сѐ до декадентни деликатеси. И уште една важна ставка за сите коишто се љубители на готвењето – повеќето рецепти можете да ги подготвите за само 30 минути.

Ако сè уште верувате дека здравата храна, особено онаа која главно се базира на билки, е здодевна – време е да се преиспитате. Рецептите на Стефанија Несторовска ќе ве предомислат.

Стефанија денеска ви приготви еден необичен рецепт, а со веќе добро познати намирници што ги има во секој дом.

Похувано пилешко во доматен сос

Состојки:

– 4 парчиња пилешки гради

– 140 гр (1 шолја) бадеми

– 50 гр кокосови снегулки

– 2 јајца

– зачини по желба, јас користев (1 лажичка сол + 1/2 лажичка бибер, една и пол лажичка лук во прав + 1 лажичка оригано)

– неколку лажици (1/2 шолја) доматен сос

– масло за готвење

– сечкан магдонос

Фото: Стефанија Несторовска/snestorovska.com

Подготовка:

Се загрева рерната на 200 степени Целзиусови и се подготвува сад за готвење со малку масло. Јас користев керамички сад, но може каков било сад или тава за печење.

Се подготвува пилешкото односно се пресекува на половина во средината за да се добијат потенки парчиња и за полесно и еднакво да се зготват.

Во блендер се додаваат бадемите, кокосот и зачините. Се блендира сѐ додека не се иситнат и не се добие текстура на „лебни трошки“.

Во мал сад се додаваат двете јајца и се матат (како за омлет). Во друг сад се додава сувата смеса што ја подготвив во блендер претходно.

Се зема едно пилешко парче и се натопува во смесата со јајце па веднаш потоа во смесата со бадеми. Бидете сигурни дека убаво и еднакво се прелиени во смесата. Се додава похуваното парче месо во чист, нов сад.

Се повторува постапката со останатите парчиња месо.

Се загрева тавата за пржење со една лажичка масло за готвење и кога ќе биде убаво загреано, се додаваат похованите парчиња месо. Се пржат по 2-3 минути од секоја страна. Нека не биде комплетно испржено, затоа што подоцна ќе се пече во рерна. Само колку да добие убава златникава боја.

Се додаваат пропржените парчиња месо во претходно подготвениот сад за печење. Идеално да се преклопуваат само на краевите.

Одозгора се додава и доматниот сос и по желба може да си додадете малку кашкавал.

Се пече 20-25 минути. Се вади од рерна, одозгора се додава и малку исечкан магдонос за свежина.

И тоа е тоа – брз, здрав и дефинитивно несекојдневен оброк.

Идеално би било да се консумира веднаш или во текот на денот, но може и да се чува во затворен сад во ладилник два дена.

Фото: Стефанија Несторовска/snestorovska.com

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот