ФОТО | Северна Кореја првпат ги покажа објектите за правење нуклеарно оружје

Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

Изгледа дека Ким Јонг Ун не се шегува. Три дена откако објави дека ќе го удвои атомскиот потенцијал за земјата да биде подготвена за војна со САД, тој се појави во објект за производство на нуклеарни боеви глави за ракети. Пјонгјанг првпат јавно откри дека има капацитет за збогатување ураниум, објави јужнокорејската агенција Јонхап.

Извештаите на државните медиуми за посетата на Ким на Институтот за нуклеарно оружје и производствената база за нуклеарни материјали за оружје беа придружени со првите фотографии кои дадоа редок поглед на нуклеарната програма на Северна Кореја, која беше забранета со повеќе резолуции на Обединетите нации. На нив се гледа како Ким оди меѓу долгите редови метални центрифуги, уреди за збогатување ураниум.

Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

Во извештајот, државната агенција не наведе јасно кога се случила оваа посета или на која локација се наоѓа објектот. Ким ги повика работниците да произведуваат повеќе материјал за тактичко нуклеарно оружје, велејќи дека нуклеарниот арсенал на земјата е од витално значење за да се спротивстави на заканите од Соединетите Држави и нивните сојузници: „Потребни се оружје за самоодбрана и способност за превентивно напад“, рече Севернокорејскиот лидер кој го надгледуваше и пробното истрелување на нов ракетен фрлач од 600 мм.

Хонг Мин, висок аналитичар во Корејскиот институт за национално обединување во Сеул, верува дека овие фотографии би можеле да бидат порака до САД пред претседателските избори во ноември.

„На овој начин Ким сака да и покаже на следната администрација дека ќе биде невозможно да се денуклеаризира Северна Кореја. Тоа е и порака која бара од другите земји да ја признаат Северна Кореја како нуклеарна држава“, изјави Хонг за Франс прес.

Висок функционер од кабинетот на јужнокорејскиот претседател изјави дека јужнокорејските и американските разузнавачки служби го следат однесувањето на Северот, „имајќи ги предвид сите можности“. Како што пишува „Koreja JungAng Daily“, Владата во Сеул оценува дека Северна Кореја ги завршила подготовките за седмата нуклеарна проба. Некои безбедносни експерти претпоставуваат дека Пјонгјанг најверојатно ќе спроведе уште еден атомски тест пред претседателските избори во САД.

Безбедносните експерти претпоставуваат дека Северна Кореја има неколку локации за збогатување ураниум. Аналитичарите велат дека комерцијалните сателитски снимки покажале градба во последниве години во главниот центар за нуклеарно научно истражување во Јонгбјон, вклучувајќи го и неговиот капацитет за збогатување ураниум, што укажува на можно проширување, пренесува Ројтерс.

Фото: EPA-EFE/KCNA EDITORIAL USE ONLY

Ураниумот е радиоактивен елемент што постои во природата. За производство на нуклеарно гориво, суровиот ураниум се подложува на процеси кои резултираат со материјал со зголемена концентрација на изотопот на ураниум-235. Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, Рафаел Гроси, во понеделникот рече дека нуклеарното набљудување на ОН забележало активност во согласност со работата на реактор и наводен објект за збогатување во центрифугата во Јонгбјон.

Новиот тип на центрифуга покажува дека Северна Кореја ги подобрува своите капацитети за производство на циклус на гориво, рече Анкит Панда од американската фондација Карнеги за меѓународен мир.

„Ким, исто така, се чини дека сугерира дека проектите за тактичко нуклеарно оружје на Северна Кореја би можеле првенствено да се потпираат на употребата на ураниум како примарен јадро материјал“, истакнува овој експерт.

Во 2010 година, Северна Кореја покани некои странски научници да го разгледаат објектот за центрифуга во Јонгбјон, но Џени Таун од американскиот центар Стимсон вели дека ова се единствените фотографии од опремата за обработка на ураниум досега. Северна Кореја претходно покажа фотографии од, како што вели, нуклеарни боеви глави.

Проценките за бројот на севернокорејското нуклеарно оружје се многу различни. Во јули, извештајот на Федерацијата на американските научници заклучи дека земјата можеби произвела доволно фисивен материјал за да направи до 90 нуклеарни боеви глави, но дека најверојатно собрала близу 50.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот